Одбележување на Денот на Реката Дрим

 

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, денеска во Струга се обрати на прославата по повод првото обележување на Денот на реката Дрим, која истовремено се организира на повеќе локации во сите држави кои го делат Басенот на Дрим - Македонија, Албанија, Грција, Црна Гора и Косово.

- Дримскиот басен е чувствителен на еколошките но и економските и социјалните активности. Подложен е на ризици од поплави, но истовремено е исклучително битен за енергетските системи на државите кои го опфаќаат, што го прави економски значаен регион со силна социјална компонента. Токму затоа еден ваков ден на обединување во име на реката, ден кога истовремено се слави нејзиното значење, претставува ударен момент за идното управување со Басенот, рече денеска Темелковски.

Обележувањето беше проследено со повеќе активности, настани и тематски содржини со цел да ја едуцираат, но и да ја анимираат јавноста. Во рамки на прославата беше организирана театарска претстава на тема климатски промени, еко-тура со велосипеди до четири локации во градот каде се одржуваа еколошки предавања, настапи на музички групи, презентации на органски производи, изложба на цртежи од ученици кои сликаа покрај реката Црн Дрим.

Иницијативата за обележување на Денот на реката Дрим потекнува од Дрим кор Групата, што го спроведува проектот за управување со Дримскиот басен, и има за цел да ги заинтересира и едуцира локалните заедници, фокусирајќи се на помладата генерација, за потребата да се заштитат и одговорно да се користат локалните природни водени ресурси во регионот од сливот на реката Дрим.

 

Проектот за управување со Дримскиот басен беше одобрен во ноември 2012 година, донатор е Глобалниот еколошки фонд, а финансиски го поддржува Германското друштво за меѓународна соработка, како и сите институции од државите вклучени во проектот.

17.05.2014 - 15:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега