Скопје доби нов енергетски трансформатор - инвестиција на МЕПСО вредна 2,7 милиони евра
А.Д. МЕПСО набави и започнува со инсталација на нов 400/110 kV енергетски автотрансформатор во трансформаторската станица Скопје 5 која се наоѓа во населбата Бутел.
Новиот трансформатор е со автоматска регулација на напонот изработен специјално за потребите на преносната мрежа на АД МЕПСО. Со неговото пуштање под напон за прв пат во нашата преносна мрежа ќе бидат во паралелна работа, во таа трансформаторска станица, два енергетски трансформатори на 400/110 kV ниво кои се со автоматска регулација на напонот.
-Најзначајна квалитативна новост е тоа што работата на два енергетски трансформатори во паралелен погон значајно ќе придонесе за подобрување на доверливоста, квалитетот и стабилноста на напонските прилики во скопското конзумно подрачје. Со оваа инвестиција на преносната мрежа во иднина ќе се сведат на минимум сите потенцијални ризици од прекини во снабдувањето во скопскиот регион – најголем потрошувач на електрична енергија во земјава, соопштуваат од МЕПСО.
Во набавка на нов енергетски трансформатор со номинална моќност од 300 MVA (мегаволтампери) А.Д. МЕПСО инвестира 2,7 милиони евра. Материјалите од кои е изработен овој трансформатор се од најнова генерација, јадрото е направено од висококвалитетен челичен лим со потребен додаток на силициум кој не старее со виоска пермеабилност, ласерски обработен со мали загуби при трансформација. Производител на автотрансформаторот е КПТ дел од групацијата „Сименс“.
Трансформаторот што до сега функционираше во ТС Скопје 5 ќе биде префрлен и инсталиран и ставен под напон во ТС Скопје 4. Таму ќе го замени енергетскиот трансформатор произведен 1976 и е во фукнција 38 години кој сега ќе се чува во резерва.
Процесот на транспорт на двата трансформатори, со вкупна маса што наминува 300 тони го врши „Загреб транс“ специјализирана компанија за транспорт на трансформатори и други тешки товари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа