Државата го слушна апелот- Глигориевски ќе добие помош и работа
Министерството за труд и социјална политика го слушна апелот за помош на тетовецот Бране Глигориевски. Откако пред неколку недели недели починала мајка му, тој останал без никакви примања, бидејќи живееле само со нејзината пензија. Бране, кој живее во субстандардни услови, побара помош и работа, а министерот Диме Спасов изнајде начин како да му помогне.
Изминатиов период активно го следевме овој случај. Минатата недела испративме тим од министерството за труд и социјална политика и од Центрите за социјална работа, со цел да изнајдеме начин како да му помогнеме на овој човек кој е во тешка положба. Првично му ја обезбедивме целосната документација за да добие социјална парична помош. Тој веќе во вторникот го доби решението и исто така ќе добие и еднократна парична помош, истакна Спасов.
На Глигориевски, министерството за труд и социјална политика, ќе му помогне да најде и работа, бидејќи во моментов покрај паричната помош, таа му е најпотребна.
-Во соработка со Агенцијата за вработување ќе се обидеме преку програмите за субвенционирање на вработување за ранливите категории на граѓани да му помогнеме на овој човек побрзо да дојде до работа. Верувам дека ќе успееме во тоа, со цел да го надмине целосно ризикот во кој што се наоѓа, додаде министерот Спасов.
На Бране Глигориевски, кој живее во трошна куќа во населбата Два Бреста, досега му помагаа роднините и пријателите, но сега ќе му помогне и државата да го надмине социјалниот ризик
Извор и Фото: Курир
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа