Натпревар за спасување и извлекување жртви во сообраќајки

 

Првиот државен натпревар за спасување и извлекување жртви во тешки сообраќајни несреќи ќе се одржи вo понеделник, на паркингот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ со почеток во 12:30 часот.

Организатори на натпреварот се Дирекцијата за заштита и спасување, ЗЕЛС, невладината организација од Велика Британија-операцијата Флоријан, Црвениот крст, Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, АМСМ, Tojota Fund for Europe и Vimpex.

- Ваков тип на натпревар првпат се случува во Македонија и во регионот. Целта на натпреварот е на едно место да се соберат тимови за спасување составени од професионални пожарникари, кои ќе ги демонстрираат и надградат  нивните способности во овој дел, рече на денешната прес-конференција Росана Јанков, портпарол на АМСМ.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу истакна дека натпреварот има два дела, натпреварувачки кој почнува во 8 часот и едукативно-музички или забавен дел во 12.30 часот. Во првиот дел ќе има загрозено лице во тешка сообраќајна несреќа, во три ситуации- возило да биде превртено на страна, превртено на покрив и возилото да биде на тркала. Ќе бидат вклучени луѓе во улога на повредени/заглавени во возилото, кои се медицински обучени и соодветно опремени.

- Тројца меѓународни судии ќе ги оценуваат пожарникарите, а резултатите ќе бидат за интерна употреба на Дирекцијата за заштита и спасување, рече Салиу.

Командантот на бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје Благоја Менковски информира дека на натпреварот ќе учествуваат осум тимови од планските региони во Македонија. Тимовите ќе бидат составени со по шест професионални пожарникари.

Пред матурските забави, припадниците на противпожарните бригади од 12 до 16 мај,  одржаа презентација за поголема безбедност во сообраќајот и ги споделија своите искуства од средношколците од трета и четврта година. Со проектот беа опфатени 14 средни училишта низ Македонија, во Скопје, Куманово, Тетово, Битола, Штип, Струмица, Велес, Кичево, Охрид и Прилеп, пренесе МИА.

16.05.2014 - 13:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега