Македонија го одбележува Меѓународeн ден на Кенгуру кер кај предвремено родени бебиња

 

Република Македонија годинава го одбележува 15-ти Мај, Меѓународниот ден на Kangaroo care (Кенгуру кер), за промоција на негата на предвреме родените бебиња со контакт кожа на кожа, во која се вклучени и родителите.

Негата со контакт кожа на кожа се однесува на предвреме родените и критичните новородени во текот на престојот во болница и по пристигнувањето дома.

Овој тип на нега за прв пат е користен во 1978 година во Богота, Колумбија, како алтернатива на користењето на инкубатор за бебињата. Оттогаш овој тип на нега се испитува и имплементира во целиот свет, а досега се издадени бројни студии кои ја потврдуваат корисноста и предноста на ваквата нега за бебето и за семејството.

Во Европа, едно од секои 10 новородени бебиња се раѓа предвреме, односно 500.000 бебиња секоја година.

Според Центарот за контрола на болести и превенција од САД, во 2012 година предвременото породување било застапено кај 1 од 8 деца во САД и тоа може да доведе до долгорочни здравствени проблеми и доживотен хендикеп кај овие индивидуи.

Софистицираната опрема која се користи секојдневно во одделите за неонаталната интензивна нега има докажан ефект во подобрување на резултатите и исходот на предвреме родените и критичните новородени. Покрај овие мерки, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и Американската Академија по педијатрија (ААП) препорачуваат контактот кожа на кожа со родителите да се спроведе што е можно поскоро, да трае што е можно подолго и колку што е можно понепречено како мерка за поддршка на непосредниот и долгорочниот развој на недоносените новородени и нивните семејства. Постојат одредени критериуми за практикување на контактот кожа на кожа, чија цел е максимална безбедност на бебето пред се. Овој тип на нега, заедно со неодвојувањето на мајката од бебето, обезбедувањето на мајчино млеко и вклучувањето на родителите во негување на бебето е цел кон која треба да се стремат сите.

Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца „Лулка“ и клубот ПремНова Македонија со цел воведување и спроведување на овој тип на нега и кај нас, обезбедија поголем број на едукативни материјали на веб-страница http://lulka.org. Од здружението информираат дека воспоставена е соработка со неформалната група Организација на мајки на предвремено родени деца која ја сочинуваат повеќе од 100 мајки.

15.05.2014 - 09:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега