Бројот на мртви во рударската несреќa во Турција се искачи на 238

 

 Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган денеска соопшти дека бројот на загинатите во вчерашниот инцидент во рудникот во Сома во западна Турција се искачил на 238 лица.

По повеќе од 24 часа по несреќата надежите да бидат најдени живи околу 120 рудари, блокирани под земја се намалуваат.

Ердоган во Сома вети сериозна истрага за инцидентот, кој е еден од најтешките несреќи на работно место во историјата на Турција.

Тој отфрли секаква одговорност на Владата за несреќата, додавајќи дека такви инциденти се случуваат секаде во светот. Владата е обвинета за евентуална небрежност, а сидникалните лидери побараа оставки од министерите за труд и за енергетика.

Поради рударската несреќа Ердоган ја одложи денешната посета на Тирана.

Жителите на Сома ги исвиркаа Ердоган кога тој излегуваше од општинската зграда и извикуваа „Влада - оставка“. Дел од незадоволниот народ и покрај засиленото полициско обезбедување го нападнаа автомобилот во кој беше премиерот. Тие го клоцаа автомобилот, фрлаа со камења и извикуваа „убиец“ и „крадец“.

Во моментот на несреќата во јагленокопот имало 787 рудари, од кои 363 се спасени. Повеќе од 80 се повредени, од кои четворица се во критична состојба.

Според локалните медиуми пред три недели турскиот Парламент одбил формирање на комисија задолжена за проверка на безбедноста на рудниците. Предлогот за формирање на комисија бил доставен од трите опозициски партии, но бил отфрлен од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Министерството за труд соопшти дека рудникот во Сома бил проверен во март и оти не биле утврдени недостатоци.

Претходно, турското Обвинителство почна истрага за инцидент во рудникот. Обвинителството ќе ги испита и тврдењата за присуство на непријавени работници во рудникот.

Според обвинителот на Маниса, Дурду Кавак, причината за експлозијата во трафостаницата од каде почнал и пожарот во рудникот, допрва претстои да биде анализирана.

Поради рударската несреќа во Турција е прогласена тридневна национална жалост.

Во меѓувреме турската полиција употреби солзавец против група демонстранти во Анкара, кои се собраа на протести обвинувајќи ја Владата дека е одговорна за рударската несреќа. На солзавецот демонстрантите возвратиле со камења кон полицајците.

Демонстрации имаше и во другите турски градови, меѓу кои и во Истанбул. Полицијата растера околу 50 луѓе од плоштадот Таксим. 

14.05.2014 - 19:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа