ЕУ бара формула за набљудување на изборите во Косово

Официјален Брисел ќе бара формула за следење на парламентарните избори во Косово, пишува дневниот весник „Коха Диторе“.

Европски дипломати наведуваат дека се свесни за горчливите искуства од парламентарните избори во 2010 година и добрите од последните локални избори, па затоа очекуваат парламентарните избори да изминат без злоупотреби и измами.

Меѓутоа, и натаму не им е јасно кое меѓународно тело треба да ја потврди регуларноста на изборите. Веќе сега почнаа консултациите за формирање на мисија на ЕУ за набљудување на изборите, но тоа треба да се направи на повик од косовските официјални претставници, пишува „Коха Диторе“. 

- На сите состаноци кои комесарот Филе ги имаше во вторникот, како со опозицијата, така и со властите, јасно беше побарано ЕУ да испрати што повеќе набљудувачи. Сите тие се заинтересирани за тоа, вели за „Коха Диторе“ неименуван дипломатски извор.

- Сега Косово влезе во  една нова фаза. ЕУ не може да попушти и да ги затвори очите пред нерегуларностите, бидејќи ќе се доведе во прашање кредибилноста на ЕУ и процесот на проширување, рече дипломатскиот извор.

За да ја признае регуларноста на изборните резултати ЕУ вообичаено го прифаќа извештајот на ОБСЕ, која е специјализирана да ги набљудува изборните процеси. Меѓутоа, според дипломатски извори, ОБСЕ може да има проблеми официјално да ги набљудува изборите во Косово со оглед на фактот дека Косово и за ОБСЕ не е суверена и независна држава, така што Русија и Србија можат да бидат пречка оваа организација да ги следи изборите, наведува „Коха Диторе“.

08.05.2014 - 11:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега