Вистински шок за Тијана пред евровизискиот настап - со Тамара цел час биле заглавени во лифт

 

Нашата евровизиска претставничка Тијана Дапчевиќ иако никогаш немала страв од затворен простор, доживеа сериозен шок кога лифтот и се заглави и ги остави така заробени на еден час.

Тијана во тој миг била во лифтот заедно со својата сестра Тамара Тодевска, а вистинската драма настанала кога лифтот почнал да се дрма. Тогаш почнале да паничат и да удираат на вратата.

Тијана и Тамара ја напуштиле хотелската соба и тргнале кон лифтот на генерална проба, кога тој одеднаш застанал меѓу катовите. Во прв момент тие не се исплашиле, но кога светлото почнало само да се пали и гаси ги фатила паника, пренесува извор српски Ало кој е во тимот на Тијана во Данска.

-Сега ми е смешно, но тогаш плачев од страв. Било, па поминало. Бидете со мене вечер, изјавила кратко Тијана за Ало.рс.

Набрзо реагирале домаќините и драмата се решила.

Во данската престолнина Копенхаген, вечерва се одржува втората полуфинална вечер од најголемото музичко натпреварување во Европа, Евровизија, на која ќе настапи нашата претставничка Тијана Дапчевиќ.

Таа, заедно со придружните вокали - сестра и Тамара, Димитар Андоновски и Пере од „Нокаут“ со песната “To the sky” ќе настапат единаесети по ред во втората полуфинална вечер.

Годинава вкупно 37 земји се дел од ова натпреварување, односно во првата полуфинална вечер се натпреваруваа 16 држави, додека вечерва ќе настапат претставниците на 15 земји.

Во големото финале на 10 мај ќе настапат десетте песни со најмногу бодови од двете полуфинални вечери, земјата-домаќин, Данска, како и земјите од големата петорка: Велика Британија, Шпанија, Германија, Франција и Италија.

Вечерва, освен Тијана, ќе настапат и претставниците на Малта, Израел, Норвешка, Грузија, Полска, Австрија, Литванија, Финска, Ирска, Белорусија, Швајцарија, Грција, Словенија и Романија.

Билет за настап на големото финале веќе обезбедија Унгарија, Ерменија, Азербејџан, Сан Марино, Црна Гора, Украина, Русија, Шведска, Холандија и Исланд. 

08.05.2014 - 10:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа