Американскиот извоз на природен гас нуди можност и за Македонија

Драматичното зголемување на производството на природен гас во Соединетите Американски Држави, процес кој веќе се нарекува фракинг револуција, отвора нови можности и за Балканот, кој е зависен од рускиот гас.

Американските нафтени компании во изминатите години применуваат нова технологија за хидраулично дробење на цврстите подземни карпи, и успеваат да откријат нови, досега недостапни наоѓалишта на нафта и гас, или да го зголемат производството од постоечките. Процесот наречен фрактурирање или фракирање доведе до зголемување на американското производство на гас дури за една третина од 2005 година до сега, на 25 трилиони кубни стапки годишно. Половина од овој гас се користи за греење на домаќинствата, третина за производство на струја, а остатокот за индустриски цели. Цените на природниот гас во САД се рекордно ниски, а нафтените компании веќе најавуваат дека САД за десетина година може да бидат ослободени од увоз на енергенси од други држави освен од Канада, и дури ќе можат да остварат значителен извоз на втечнет природен гас. Во тек е изградбата на првиот модерен терминал за втечнување и извоз на гас во Луизијана, додека слични вакви постројки се планирани на повеќе места, на атланскиот и пацифичкиот брег на САД.

 

Конгресменот Мајкл Тарнер, републиканец од Охајо кој е во групата за пријателство со Македонија во Конгресот на САД, во февруари поднесе закон за привилегиран извоз на втечнет природен гас до американските сојузници.

 

- САД се еден од најголемите производители на природен гас во светот, и имаат вишок во производството што ги собори нашите цени во споредба со светските. Зголемениот извоз на природен гас до нашите клучни сојузници ќе им помогне да имаат избор во своето снабдување со енергенси. Со тоа ќе се засили нивната енергетска и национална безбедност, и ќе се засилат нашите стратегиски алијанси. Многу од нашите сојузници се целосно зависни од природен гас кој го добиваат само од една држава или од нестабилни региони. Решението е едноставно, со зголемено производство на енергија во Америка ќе ја подобриме безбедноста на нашите сојузници низ светот, изјави Тарнер.

 

Извори во американскиот Конгрес, упатени во дискусијата околу можноста за извоз на втечнет природен гас, велат дека за Македонија ова е едно од најзначајните прашања на кои треба да се фокусира, поради можноста да биде дел од идните енергетски планови во регионот. Македонија го очекува почетокот на изградбата на засега најзначајниот гасоводен проект во регионот, Јужен Поток промовиран од страна на Русија, во кој нашата земја нема да биде дел од клучната траса, но ќе има снабдувачка линија за потребите на македонските домаќинства и индустријата.

 

Според конгресменот Тарнер, главна причина за потребата САД да го стимулираат својот извоз на гас е притисокот од Русија, која во изминатите години повеќе пати го оставаше земјите увозници во Европа без гас. Понатаму, Тарнер ја наведува Турција, која со 20 проценти од своите потреби е зависна од Иран. Во американскиот Конгрес стравуваат од политичкото влијание кое земјите извозници на енергенси го добиваат врз американските сојузници, како на пример, влијанието кое Русија се очекува да го има врз идната бугарска Влада, каде цената на енергенсите беше клучен фактор при падот на Владата на Бојко Борисов.

 

- Голем број странски лидери и функционери, вклучително и од Балканот, ни изразија интерес за потребата од разновидни извори на енергија и за засилување на нашето стратегиско партнерство. Многу од нашите сојузници се зависни од природен гас кој доаѓа или од само една држава, или пак од нестабилни региони. Со помошта за нашите партнери да дојдат до поразновидни извори за енергија, ќе ги засилиме и нашите стратегиски сојузи. Во изминатите неколку години развојот на американскиот природен гас значително се зголеми, со што се отворија можности за извоз до странски држави. На крајот, слободниот пазар ќе определи кои држави ќе го купат американскиот природен гас. Балканските држави заинтересирани за ова, треба да ја развијат својата инфраструктура потребна за прием на втечнет природен гас, преку соодветни терминали и гасоводи, изјави за МИА Томас Кросон од кабинетот на конгресменот Тарнер.

 

Поранешниот македонски министер за странски инвестиции Глигор Ташковиќ, кој денес работи како финансиски консултант во Њујорк и чие име долго се поврзуваше со проектот за нафтоводот АМБО, вели дека плановите за извоз на природен гас се уште се далеку од реализација.

 

- Не сум слушнал за идејата за извоз на природен гас на Балканот. Во овој момент, постои голем недостиг на бродови оспособени за транспорт на втечнет природен гас и ќе биде потребно да мине долго време пред да биде изградена соодветна флота. Доколку ова е исплатлива идеја, нејзината реализација ќе ја видиме најрано за една деценија од сега. Толку време ќе биде потребно да се изгради потребната инфраструктура, вели Ташковиќ. Според него, дотогаш најдобро би било Македонија да работи на истражување и развој на сопствените можни наоѓалишта на пирроден гас во областа на Свети Николе.

Во март годинава конгресменот Тим Рајан прашањето на делумно покривање на европските потреби со природен гас со помош на американските резерви и замена на руската доминантна положба во Европа го отвори на средба со германскиот канцелар Ангела Меркел. Германија е најзначајниот партнер на Русија во овој поглед. На Балканот, интерес за изградба на пристаниште кое би можело да ги прими специјалните бродови за превоз на ЛНГ гас изразил Катар, чиј владетел, емирот ал Тани на крајот на минатата година се сретна со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, при што била разгледана идејата за пристаниште на островот Крк. Таму, втечнетиот гас би можел да се врати во гасна состојба, да се складира или да се испрати до потрошувачите. Но, потенцијал за изградба на вакви терминали за регасификација од кои би можел да се снабдува Балканот има и во Црна Гора, Албанија, Грција или Бугарија.

МИА

најчитано сега