Македонија в сптември влегува во НАТО?

 

Има се повеќе позитивни сигнали дека Македонија во септември би можела да влезе во НАТО, а прашањето би се отворило на Самитот, кој е планирано да се одржи во Велика Британија, пишува Вечер.

Во таа насока се и се поинтензивните разговори за решавање на спорот за името меѓу посредникот на ООН, Метју Нимиц, и претставниците на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Нимиц ги интензивираше разговорите во Њујорк во пресрет на самитот на НАТО во Британија, кој е предвиден за во септември и покрај одржувањето на изборите и во двете земји
Пред денешната средба, тој свика средба во Њујорк на 26 март, годинава, во очи на македонските претседателски и парламентарни избори, а денешната рунда доаѓа пред грчките избори за Европскиот парламент и локалните избори, кои се закажани за 25 мај годинава.
Кризата во Украина веројатно уште повеќе влијаеше прашањето за проширувањето на НАТО да се врати на агенда, а конечната одлука се очекува да биде финализирана во јуни.
Шефовите на дипломатиите на Македонија, Бугарија, Албанија и Црна Гора на Конференцијата Европа цела и слободна" - што ја организираше американскиот Атлантски совет во Вашингтон, укажаа на тоа дека кризата во Украина е опомена дека треба стратешки да се размислува, да се делува превентивно за пресретнување на можните кризни ситуации.

Затоа, НАТО треба да ги отвори вратите за прием на земјите-аспиранти од Балканот на Самитот во Велс, бидејќи членството во Алијансата останува клучна стратешка одредница за Балканот.
Министерот за надворешни работи Никола Поповски на овој Самит истакна дека приемот на Македонија зависи само од политичката волја на земјите-членки и побара на Самитот во Велс Алијансата да ја исправи грешката кон Македонија. На конференцијата говореше и државниот секретар на САД, Џон Кери, но не предочи дали Самитот во Велс во септември ќе опфати и проширување.

Непосредно пред одржувањето на овој Самит, 40 американски конгресмени упатија писмо до него и бараа проширувањето на НАТО да биде приоритет за САД и Алијансата, а Кери официјално да го поддржи членството на Македонија и на Црна Гора уште на Самитот во Велика Британија во септември, оваа година.

Веруваме дека САД треба да продолжат со блиското партнерство со земјите-аспиранти Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со останатите земји од Централна и Источна Европа што бараат поблиски односи со САД и НАТО. Конкретно, ве повикуваме да го поддржите членството на Црна Гора и на Македонија на Самитот оваа година, да поттикнете натамошен напредок во примената на Акциониот план за членство (МАП) на Босна и Херцеговина, како и да се заложите да се додели МАП на Грузија", стои во писмото потпишано од конгресмени од обете главни политички партии во САД.

Конгресмените предупредуваат дека ситуацијата во Украина родила загриженост за назадување на демократијата и за можноста земјите од регионот да бидат под притисок на надворешни сили што се обидуваат да го поделат континентот и да ја поткопаат визијата за обединета, слободна Европа, што живее во мир.

Групата конгресмени заклучува дека САД и сојузниците досегнале критична точка при што е неопходна акција за да се обезбеди релевантноста и функционирањето на НАТО во иднина, за што на државниот секретар му ја нудат својата помош.

И поранешниот претседавач на Сенатската комисија за надворешни односи, Ричард Лугар, ги повика членките на НАТО да и испратат покана за членство, соопшти Германскиот Маршалов фонд на САД.

Македонија е пријател и партнер на САД и веќе дава свои сили што служат заедно со нашите. Дипломатското спорење, кое досега ја држеше Македонија надвор од НАТО, беше заморно уште во време на мир, но не треба да се толерира во ова време на криза", рече Лугар, кој како сенатор беше главен архитект на конгресната поддршка за проширувањето на НАТО.

Додека траат преговорите во Њујорк, нашиот сосед се изјасни:
Име со географска одредница за сите употреби

Ставот на грчката владејачка партија за прашањето за името е јасен: име со географска одредница за сите употреби, изјави кандидатот за европратеник на Нова демократија (НД) Марија Спираки.
Спираки деновиве е во посета на северниот дел на Грција, односно местата во близина на грчко-македонската граница, во рамки на кампањата за изборите за Европски парламент што ќе се одржат на 25 мај во Грција.
- Поранешниот премиер Костас Караманлис го блокира членството на соседната земја во НАТО дури и под името ФИРОМ, рече Спираки во говор во Кукуш, истакнувајќи го бескомпромисниот став на партијата на Самарас во врска со прашањето за името.

Најголемата опозициска Сириза во рамки на својата кампања, неколку пати го повика Самарас да се изјасни за ова прашање.

Лидерот на радикалната левица Алексис Ципрас го прозва грчкиот премиер и како главен виновник за тоа што спорот за името стои нерешен толку многу години.
- Самарас еднаш се позанимава со големо национално прашање и заврши неславно. Зборувам за македонското прашање. Ова прашање не е решено 25 години, иако тогаш сите го кажувавме она што денес е официјален став на државата - сложено име со географска одредница. Тоа ни го понуди пакетот Пинеро, а Самарас како министер за надворешни работи го одби. Јас и денес не знам каква позиција има тој за ова прашање, рече Ципрас пред некој ден во интервју за грчката телевизија Алфа.

06.05.2014 - 23:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега