Ќе се зголемува трговската размена меѓу Македонија и Косово

Инвестиции во инфраструктурата и укинување на бирократските бариери, бараат стопанствениците од Македонија и Косово за зголемување на трговската размена и надополнување на настанатиот јаз од околу 250 милиони долари.

Три до пет дена, велат, се чека за влез на македонски производи во Косово и обратно, што е голема загуба. Ова треба веднаш да се надмине, а една од опциите е унифицирање на политиките.

Извозот од македонска страна лани е намален за 38 отсто. Освен кај нафтените деривати, опаѓање е забележано и во металната и во прехранбената индустрија.

- Сега имаме голем предизвик. Треба да го надоместиме губитокот на извозот на ОКТА на косовскиот пазар. Ќе се фокусираме на тоа, но максимално ќе вршиме и притисок да се олеснат процедурите, косовските производи полесно да стигнуваат на нашиот пазар зашто сме во сериозен суфицит и мал е процентот на извозот од Косово во Македонија, изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески по денешното потпишување Меморандум за поттикнување на економската соработка со косовскиот колега Сафет Герџалиу, претседател на Стопанската комора на Косово.

Причината за намалената трговска размена Азески ја гледа и во недоволниот ангажман на компаниите и коморите. Тие, рече, досега не сториле се што е потребно во оваа насока. Клучно е и најнеопходно е да го подобрат меѓусебното информирање за потребите и пласманот на производите што моментно не е на незадоволително ниво.

- Разговаравме за конкретни проблеми, како да се надминат бирократските процедури. Неприфатливо е од Приштина до Скопје да се патува за четири часа. Време е да учиме од Европа, да имаме интегрирано делување на границите, нагласи Герџалиу, додавајќи дека без инвестиции во инфраструктурата, не е можна економска соработка. 

Меморандумот за соработка предвидува и заедничко одржување саемски манифестации кои ќе ја поттикнат меѓусебната, но и размената со трети земји, како и реализирање заеднички проекти за добивање средства од ИПА фондовите.

Во следните шест месеци, беше речено, секоја од коморите ќе испрати свој претставник, Македонија во Косово, а Косово во Македонија, за да се зголеми протокот на инфорамции потребни за пласман на производите.

За претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи, намалувањето на размената со Косово е очекувана. Се што е досега направено во оваа насока, рече, било поради добрата волја на бизнисмените.

- Двете влади имаат сторено многу малку, дури во некои сегменти биле и кочничари на активностите што секојденвно ги промовираат стопанствениците. Тука сме за да им бидеме патоказ, каде треба да дејствуваат за размената да биде на соодветно ниво, посочи Кучи.

Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија денеска потпишаа специјален договор за соработка со што подразбира секојдневна размена на информации, одржување заеднички прес-конференции еднаш месечно за прашања кои ги засегаат компаниите, како и заеднички седници на управните одбори на секои шест месеци со цел дефинирање на економските политики.

06.05.2014 - 14:08
Фото: 
Курир

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега