Критично нивото на Брегалница во штипскиот регион
Критично е нивото на реката Брегалница во Штип. Општината бара ЈП Водостопанство „Брегалница“ да го вклучи десниот магистрален канал и водата за наводнување да тече кон Овчеполието за да не дојде до излевање на реката во штипскиот регион.
- Попладне очекуваме нов воден удар. Ќе ја следиме состојбата со акумулацијата Калиманци. Инсистираме да се пушти десниот магистрален канал, водата да тече кон Овчеполието за да го избегнеме делот на Штип. Проблем имаме и со Лакавица. Иако ја уредуваме реката ланската година и направивме комплетно регулирање на нејзиното корито, однесен е делот од патот меѓу селото Лакавица и Пухче. Нашите машини се веќе таму зашто населението е отсечено од цивилизацијата. Проблематично е и течението на Лакавица од 11 до 13 километар каде што има вили во кои живеат повеќе семејства, изјави градоначалникот на Штип Илчо Захариев.
Според него, со регулацијата на реката Отиња во центарот на Штип што е решено од страна на општината, нема излевање на оваа река.
Злетовска река утрово повторно се излеа кај селата Новоселани и Лепопелци. Механизацијата ангажирана од Општина Чешиново-Облешево веќе работи на санација на коритото за да се повлече водата од земјоделските површини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа