Алекс Русјаков: Некои политичари веќе не заслужуваат гласови

 

И којзнае по кој пат врвот на СДСМ поради лични (а можеби и туѓи) интереси ја вовлекува Македонија во криза. Повторно плачат кај странци, бараат интервенција врз сопствениот народ. До кога вака, мои сограѓани-политичари?

Изборен ден. Тргам да гласам, кога долу пред зграда паркирано комбе. Празно комбе. Тоа и други денови е паркирано тука, ама сега е некако сомнително. Фаќам пат кон зградата каде што живеат моите родители, а живеат во моја близина, исто како и мене, под кирија. Мајка ми сака да гласа, а не може сама, оди со помош на штака. И тоа ми е сомнително. Сака да гласа, а тоа последен пат го побара кога беше референдумот за територијална поделба. Е, ама тогаш најнормално ја немаше на избирачки список. Ни неа, ни брат ми. Логично, што мајка бараат живи полнолетни луѓе да гласаат? А сега, луда работа, ја има на список. За да биде работата сомнителна до паника, одејќи накај моите, гледам... човек. Тој човек оди пред мене, ама оди ептен сомнително, како во секој миг да има намера да мести избори. Си велам да го сликам, да го испратам до некој интернет-портал, ама немам мобилен со такви перформанси. Го оставам сомневањето да ме глода како црв јаболко. А потоа ја зедов мајка ми, влеговме во такси, се возевме малку, па стигнавме. И во мигот кога ѝ помагав да излезе од автомобилот ми светна до просветлување. Штом јас ѝ помагам на мајка ми да излезе од автомобил, ете доказ дека го нарушувам изборниот процес. Само уште да ме слика некој.

Да не ви пречи цинизмов? Избирам цинизам за да не ви го навлечам мојот гнев. Оти гневен бев во неделата навечер. Уште не бев асално избалансиран по елиминацијата на Вардар од Фленсбург и поразот на Ливерпул од Челси, кога човекот што бараше да не се бојкотира кога во прашање беше неговата функција, сега ме дотепа со својата прес-конференција. Ги прогласи резултатите за неважечки три минути откако се затворија кутиите. Не ни ѕирна во тоа пандорините избирачки кутии да види дали има факинг надеж во нив. Нормално, гневот ми дојде во облик на лавина прашања. А што ако резултатите се тесни, што ако победевте? Зошто не ги бојкотиравте изборите по првиот круг? Зошто го палевте народот за џабе, зошто си го лажевте членството? А тоа членство што е, како го третирате, како стока ли на која ѝ се кажува што да прави, а потоа кој ја онакви а? Па, зошто овие двесте и кусур илјади луѓе што гласаа за вас на парламентарни избори и оние четиристотини илјади што гласаа за Пендаровски ги убедувавте да си расипат раатот дома и да се акаат до изборно место? И за кој мој оние сто дваесет ваши кандидати дремеа на пратенички листи? О Господе, си мислам, замисли јас да бев еден од оние сто и дваесетмина, два месеци да бев дел од предизборна машинерија, да се мавтав по села и градови, да малтретирав луѓе убедувајќи ги да гласаат за мене ветувајќи им мед и млеко, да ме немаше дома по цели недели, да си имав забаталено и семејство и бизнис и, по таква голгота, откако сум им го направил ќефот на Заев и компанија трошејќи си време, нерви и пари, три минути по завршување избори, да ми се посерат на целиот вложен труд, о фала ти Господе што не сум меѓу тие, оти гадно ќе реагирав уште за време на пресот. 

Навистина ненормално. Сите ви се виновни, само вие не сте. Сте ни кажале дека ќе виткате кичма за национални прашања, дека ќе јадете живи луѓе и ќе вработувате свое членство, сте направиле програма плукни-залепи, без конкретни проекти, рокови и бројки, среде кампања не презентирате идеи, туку плукате по противникот. И не само тоа, дотаму забегувате што јавните личности што ја поддржале другата страна ги сатанизиравте до линчување, иако таа друга страна ни збор не кажа за јавните личности што ве поддржуваат вас, оти се свесни дека тие луѓе имаат слобода на избор, а и не задолжиле со своите дела. Дури ги мразите и оние критичари на власта што не критикуваат по ваше, ама и тоа не ви е доволно, па го обвинувате пола народ дека нема мозок, ги прогласувате за небањати луѓе, за стока во комбиња. И на крајот одите на Косово, ја клеветите сопствената земја воспевајќи ја туѓата, му се упикувате на човек што се соочува со обвинение за трговија со човечки органи и кога ќе загубите со двесте илјади гласови разлика барате некој да ви поверува дека резултатот е сепак во ваша корист, ама натпреварот е наместен. 

И којзнае по кој пат врвот на СДСМ поради лични (а можеби и туѓи) интереси ја вовлекува Македонија во криза. Повторно плачат кај странци, бараат интервенција врз сопствениот народ. До кога вака, мои сограѓани-политичари? Секој ваш голем потег беше на штета на нашата држава. Знаме, ФИРОМ, приватизација, Привремена спогодба, учество во рамковен договор, територијална поделба, саботирање референдум, наместен попис и сега, кога сите ги оценија изборите како успешни, со мали технички неправилности, вие правите нов чекор кон демонтирање на Македонија. Ама, нон пасаран! Јас сега сакам да поминат шесте месеци и да се распишат избори за оние 34 пратенички места. Да ги видам и ГРОМ и позитивците во парламент. А можеби и некоја нова ем наша Сириза. Оти доста веќе вие и вашите самопрогласени елитистички интелектуалци гледавте со презир на неистомислениците. Ништо не сработевте како опозиција, што ли ќе правите тогаш со власта? Не сте способни да направите влада во сенка, затоа што вашиот идеал е да сте влада, а сите други да ви бидат во сенка. Затоа бојкотирајте, а ние ќе се надеваме дека вашето непостоење на политичката сцена ќе се пополни со квалитетни, скромни и корисни луѓе што ќе ја сакаат оваа земја повеќе од сопствените амбиции. 

И знаете ли зошто, откако се обидовте на сопствениот народ да му ја укинете логиката и да му ги забраните основното правило на овоземското постоење што гласи дека секој има избор, убедувајќи го дека еден е изборот, знаете ли зошто народот ве послуша и сега избира само едно од понуденото, а тоа не сте вие? Имам одговор на прашањево, ама некои луѓе веќе не заслужуваат ни одговори.

 Александар РУСЈАКОВ за Нова Македонија (авторот е уметник)

03.05.2014 - 12:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега