Марјан Николовски: Политичарот Пендаровски го посрамоти професорот Пендаровски

Најлесно е да се напише и да се прочита говор, во кој со висок тон ќе кажете – ништо нечини, се е грабеж, ние сме најдобри, власта е крива… сите се виновни, ние не. И кога тој говор ќе го чита претседател на политичка партија, како Зоран Заев и имам разбирање. Неговото ниво на политичка култура, се појасно е, дека не се разликува од нивото на локален, маалски шериф. Но, кога таков говор и такви политички ставови  ќе застапува универзитетски професор по политички науки, кој на овие избори доби речси 400.000 гласа, (да недоволни за победа, но освои 398.000 гласа, или 50% повеќе од претходниот претседателски кандидат на таа партија), е тогаш имам проблем. Јас имам проблем со логиката тоа да го разберам, а тој има проблем со политичката логика.

Првата лекција што некој професор по политички науки треба да им ја каже на студентите е дека на политичкиот противник треба да му се честита. Да им се заблагодари на оние, па марак и тројца, кои гласале за него. Тоа професорот Пендаровски не го направи. Тој направи таква страшна дискримиација, што сите оние што гласале за Иванов ги направи небаре малумни. Гласачи без идентитет, без свој став, без свое јас. Тоа биле “граѓани што тргувале со својот глас за своја егзистенција”. Откако ги оквалификува во вакво светло, згора не се Пендаровски се обиде да ги брани. Демек “не биле тие виновни, втерани во ќош, немале друга опција освен на овој начин да дојдат до средства за своја егзистенција за да можат да го преживеат периодот по изборниот ден”. За воља на вистината оваа квалификација е далеку по политичка од онаа меѓу двата круга, кога гласачите на Иванов ги дефинираше како “стока која ја превезуваат на гласање”. И пак ќе кажам, ако овие квалификации излегуваат од устата на претседател на партија како Заев и можам да имам разбирање, но кога тоа ќе го каже професор по политички науки, тогаш немам никакво разбирање. Ако не знае претседателскиот кандидат Пендаровски, нека го праша универзитетскиот професеор Пендаровски,  дали ако повторно да оди на избори, после овие квалификации за гласачите, колку од 398 –те илјади гласови ќе добие?. Ниту 250.000.

Не заради претседателскиот кандидат Пендаровски, Стево Пендаровски требаше да му честита на Иванов заради професеорот Пендаровски. За жал, Пендаровски се претопи во политички најнеетичката структура што СДСМ, кога било ја имала. И “Големиот Црвенковски” кога губеше, подаваше рака и ако не повеќе, велеше “благодарам, народот е во право и кога греши”. На “Великиот Заев” му е испод чест да признае пораз. Но, што  му е на Пендаровски?

Политичка фигура која по подолго време произлегува од СДСМ и која зад себе има поддршка од 400.000 гласа, ваково политичко самуобиство во најава да изврши е тотално аматерски. За да биде себеуништувањето посилно, Пендаровски во исти момент виновник за тоа што тој не победил пронајде и во меѓународниот фактор. Тој и Заев, со Шекеринска вчера ја обинија меѓународнта заедница дека е во спрега со власта и заедно го крадат СДСМ. После онаа легендарна изјава на Љубе Бошковски од 2002, по поразот на ВМРО-ДПМНЕ, дека опозицијата ги фалсификувала изборите и кога сакаше да ги апси членовите на ДИК, оваа изјава на Пендаровски од утре треба да биде аксиома за политичко самубиство во учебниците по политилогија.

Ако не во политиката, барем придонес ќе остави во политичката наука.

Во политичкото дејствување на СДСМ веќе нема ниту политичка логика. Тоа е партија која носи и менува одлуки, која кажува и менува ставови – ад хок. Во мемонтот, овде и сега. Без никакви анализи, без никаква конзистентност. Осум години тврдат дека со ВМРО-ДПМНЕ на власт, Македонија е меѓународно изолирана држава. Груевски и Иванов биле политички непожелни кај европските и светските политичари, а истовреме тврдат и дека меѓународната заедница била спела за изборните фалсификати што власта ги прави? Каква е таа политичка логика? Кој е овде и каде изолиран? Кој е овде и со кого во спрега? Впрочем кој е овде и во кој дел изгубен во просторот?

Ма, Ивон Величковски, кој час е кај Стефчо, дан потоа во СДСМ, два дена претходно независен пратеник е политички логичар за оваа политичка шизофренија на СДСМ.

Зоран Заев пред само една година тврдеше дека Струмица не смее да се остави. Дека струмичани мораат да бидат заштитени од власта. Во таа идеја за нивна заштита беше подготвен на Ивон да му го земе и печатот, за да оди на локалните избори, ако не успееше да го разубеди Црвенковски, во како што тогаш тврдеше, ”штетноста од бојкотот на локалните избори”. Денес Заев со одлуката за непризнавање на резултатите и враќање на мандатите остава, односно политички изневерува шест Струмици. 260.000 граѓани. Тие за него се неважни, само затоа што тој себе си не може да се погледне в огледало како губитник. Лани кога победи во Струмица изборите беа добри, денеска кога изгуби во Македонија, изборите не се регуларни. А во меѓувреме испорача листа од дваесетина измени на изборниот законик, што власта ги прифати. Заев не сака да се види како поразен, затоа што вака поразен ќе мора да се врати во Струмица по партискиот конгрес, ако воопшто и се одржи конгрес на СДСМ, или пак ако Заев ги признае одлуките на тој “евентуален конгрес”.

Изборните процеси во Македонија се далеку од идеални. Исто како што далеку од идеални се и во речиси сите посткомунистички држави, а денес голем дел од нив и членки на ЕУ и НАТО. И тоа така ќе биде барем уште долги години. Кога ОБСЕ и ОДХР велат потребно е разграничување на партијата од државата, не мислат само на централната власт. Мислат и на злупотреба на ресурсите на локалната власт. Односно мислат на промена на менталниот склоп на политичарите. А, тоа не се однесува само на ВМРО-ДПМНЕ, се оденсува и на СДСМ и на ДУИ и на ДПА и на сите политички субјеклити кои на кој било начин имаат допирни точки до државни ресурси. Но и на вакви, а и на многу полоши и по нефер изборните процеси, во Македонија се менувале влади, се менувала власта и ќе се менува.

Да денеска една работа е поразлична. А, тоа е што македонскиот гласач повеќе не гласа за инает. Не гласа ПРОТИВ. Осум години гласа ЗА. А, полотика која е заснована на платформа за гласање ПРОТИВ и понатаму ќе биде поразувана.

Политичката култура се стекнува. Изборните процеси се усовршуваат и ќе се усовршуваат. Тоа се процеси кои се движат и грешките од нив се поправаат. Не се покраваат стратешките грешки кои носат големи политички кризи. На опозицијата местото и е во Парламентот. Нема демократија без опозицијата. Но, демократијата не е обврска само на власта. Нема демократија само со власт. Демократијата е заедничка обврска на власта, опозицијата и народот. Подеднаков е придонесот за демократија. Подеднаква е и одговорноста.

Марјан Николовски – Новинар за Денешен

29.04.2014 - 22:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа