Александар Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ (не) ги доби овие избори

 


Добро, 61 пратеник во старт ми го демантира насловот но јас имам еден друг поглед на тоа што се случуваше вчера. 42.000 гласови плус на контото на Груевски се секако успех кој заслужува пофалба, но она што треба да се забележи и да се стави на вага е фактот дека Заев загуби дури 85.000 гласачи во однос на резултатот на Црвенковски. 
 Оттука, го извлекувам заклучокот дека ВМРО-ДПМНЕ не ги доби овие избори толку колку што СДСМ ги загуби. 

200.000 гласа разлика по се изгледа е најдобриот повик за опозицијата да седне и да размисли и за прв пат во сопствената историја да се запраша, каде згрешивме. 
На граѓаните веќе им е смачено да ги слушаат оправдувањата, дека сите грешат а тие се во право. Обидите да се делегитимираат изборните резултати се очајнички обид на Заев да не признае дека имаше лоша стратегија, дека немаше капацитет да води голема партија и дека едноставно, не може да плива во морето со големите риби, бидјеќи тој е слатководен вид. 

Прва грешка

Првата грешка Заев ја направи уште минатата година. Се сеќавам на тој ден, кога пред СДСМ човекот даваше изјави. Се чини дека беше некаде во октомври, периодот кога Кондарко си замина од ДИК. Лично му го поставив прашањето, дали би поддржал распишување на предвремени избори. Заев ми одговори дека не било време за избори. Катастрофален одговор на лидер на опозиција. Иако беше свесен дека одлуката за избори воопшто не зависи од него, Заев покажа страв, покажа дека неговата партија не може да победи на изборите, што прати силен сигнал до граѓаните, дека овој човек, не може да направи многу. Потоа се случи она што се очекуваше. Мнозинството распиша избори, Заев ги загуби, а во историјата остана запишан како еден од ретките лидери на опозициска партија, кој не сака предвремени избори.

Втора грешка

Составувањето на пратеничките листи се чини е втората крупна грешка на Заев. Лидерот на СДСМ како во старт да призна дека на овие избори не оди за да победи, туку за да спаси колку што може да се спаси. Има неколку теории за тоа, зошто ги избра овие пратеници и што со нив понaтаму. 
Едната е дека Заев поставува кадри од доверба, за да си ја зацврсти лидерската позиција. Оние кои ја поддржуваат оваа теорија велат дека Заев го повлекол овој потег за да се осигура дека нема да биде исфрлен од Бихаќка по поразот на предвремените избори. Со пратеници врз кои има целосна контрола, Заев според оваа теорија може да биде сигурен дека партијата нема да го избрка, бидејќи тој ќе има отворен пат, да ги повлече сите што може да ги повлече и со евентуално нова партија, да егзистира на политичката сцена како сериозен играч.

Има уште една теорија која вели дека лидерот на СДСМ бил свесен дека ќе доживее сериозен пораз на овие избори. Оттука, тој го подготвил сценариото за бојкот и игрите со враќање на мандатите уште многу месеци пред изборите, а поставувањето кадри од доверба, му гарантирало дека нема да се најде некој што ќе му го направи, она што тој му го стари на Црвенковски на локалните избори, односно да му ја уништи стратегијата за бојкот. Во таква ситуација, Заев би имал значително помал број на пратеници, но за да се предизвика политичка криза, не е важно дали располагате со 42 или пак со 34 столчиња во парламентот. Пораката е испратена и има иста тежина. 

Третата верзија, која ја ширеа и структурите на СДСМ (оние блиски до Заев) е дека лидерот направил одличен потег, ставајќи кадри без политчки бекграунд и на тој начин го оневозможил Груевски да води црна кампања против СДСМ. Ако гледате наивно на овие работи, ќе си помислите дека Заев повлекол добар потег, но од друга страна, човек аболициран за тежок криминал и заплетен во серија сомнителни тендери со сопственото семејство на овој начин да се брани од црна кампања е факт кој се наоѓа на границата меѓу неискуството и лудоста.

Последната верзија која ја слушнав во ова предизборие е дека Заев се решил на овој потег за да си обезбеди квалитетна пратеничка група. Целта наводно му била да си обезбеди пратеници врз кои ќе има целосна контрола и со кои ќе може да делува како квалитетна опозиција во Собранието. Можеби ова би била најдобрата разврска, но сепак изборот на кадри, не може а да не се карактеризира како сериозна грешка на Заев.

Трета грешка

Третата грешка на Заев е програмската подготовка за овие избори. За партија која освојува близу 300.000 гласови, изработка на предизборна програма, особено во услови кога ВМРО-ДПМНЕ пишува по 300 и кусур страници е неопходна работа, обврска која мора да се реализира, работа која мора да се сработи и тоа максимално квалитетно. СДСМ тука потфрли. Наместо природно, како резултат на квалитетот на сопствените кадри, опозицијата и на овие избори како и на претходните, напиша програма под притисок на ВМРО-ДПМНЕ. Заев не ја состави програмата за да создаде подобри услови во Македонија, тој ги напиша тие стотина страници за да не може Груевски да му каже, дека СДСМ продолжува по старо, довербата од граѓаните да ја бара без при тоа да каже што нуди. Во таква ситуација, јасно е дека и она што ќе излезе како програма, ќе биде далеку од она што СДСМ може вистински да го креира и за што има капацитет.  Изработката на програма е тешка работа. Бара многу време, многу ресурси и многу, многу работа, крвава работа. Немам сомнеж дека и двете партии за тоа имаат капацитет. Имаат одлични бази, сериозно членство и признати експерти во своите редови.

Но секој кој што ги пролистал програмите на двете политички партии, веднаш ќе ја забележи разликата. Не треба да прочитате по повеќе од десетина страници за да ви стане јасно дека програмата на СДСМ се пишувала на брзање, колку да ја има, за разлика од онаа на ВМРО-ДПМНЕ која е детално разработена, подготвувана долго време и која не пропушта ниту еден сегмент во општеството. Кога ја отворив програмата на СДСМ за овие избори, добив впечаток дека читам некој матурски труд на 18 годишен средношколец. Неколку расфрлани графикони, неразработени проекти и силна доза на популизам, за кој нема основа. Да напишете дека ќе изградите некој објект, без при тоа да наведете, колку тој ќе чини, од каде ќе најдете пари за него и кога ќе биде готова неговата реализација, говори за тоа колку сериозно е дадено вашето ветување и за каква проекција станува збор. Мислам дека секој кој сака да го победи ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, кога и да се тие, треба уште веднаш да почне да работи. Треба уште веднаш да се сондира теренот и да почнат да се создаваат проекти.Треба уште веднаш да се седне и да се пишува програма.  Ако сакате некого да победите, прво што треба да направите е да се потрудите, барем да го достигнете, а потоа да размислувате како да станете подобар.  Ако ВМРО-ДПМНЕ прокетирал 2046 решенија за подобар живот, вие мора за следните избори да направите барем 2.500, бидејќи уште од сега можете да замислите, со што ќе излезе Груевски пред граѓаните за неколку години.

Четврта грешка

Целата кампања на СДСМ за овие избори е една огромна грешка.  Во земја во која имате огромен број на граѓани кои пред компјутер седат само кога мораат, вие да потрошите 80% од ресурсите за кампања на интернет е тотално непознавање на пазарот. Кога ова ќе го дополните со податокот дека наместо масовни митинзи, СДСМ организираше ситни средби со граѓани каде освен партискиот огранок не доаѓаше речи си никој, добивате еден резултат кој го отсликаа вчерашните избори. Заев може да се оправдува со тоа дека слабо стои со традиционалните медиуми, но се поставува прашањето, што тој направи за да го смени тоа. Едноставно ништо. Неговата партија наместо да гради релации со медиумите, таа дополнително ги влошуваше работите што останаа како наследство од Црвенковски. Лично можам да кажам дека последен пат кога присуствував на прес конференција на СДСМ добивав и лични закани што од обезбедувањето на Заев што од некои ситни штабски поттрчковци. Во такви услови се поставува прашањето, како Заев сака коректен однос со новинарите, ако тој самиот не е подготвен да биде коректен со нив. 
Но и тезата за слабата застапеност во медиумите не е до крај издржана бидјеќи СДСМ на овие избори речи си и да немаше ТВ реклами. Нешто за Пендаровски и уште нешто црна кампања. Токму црната кампања која ја водеше против Груевски на Заев му стопи неколку десетици илјади гласови. Граѓаните, особено по првиот круг на претседателските избори едноставно не можеа да слушнат, што Заев ќе направи ако дојде на власт. Се што можеше да се слушне и види беа обвинувања за криминал, за недостаток на демократија и слобода на граѓаните, теми кои Црвенковски најдобро знае дека не поминуваат кај македонските граѓани. Дополнително, и оние стотина илјади евра кои ги потрошија на социјалните мрежи ги насочија во црна кампања, па дури и на самата фан-страна на Заев, какокавер фото стоеше Груевски и аферите за него. Едноставно, Заев сакаше да го победи ВМРО-ДПМНЕ со неговото оружје,  но во тоа не успеа. 
Што направи ВМРО-ДПМНЕ? Едноставно го пресретна Заев и тотално ја смени стратегијата. Од партија која создаваше убедлива предност преку црна кампања, стана партија која шири позитивна енергија, гласно ги промовира своите проекти и им ветува подобар живот на граѓаните. Груевски на говорите на митинзите низ цела Македонија на Заев и на СДСМ им посветуваше не повеќе од 5 минути иако пред граѓаните зборуваше по речи си еден час. СДСМ тоа не го очекуваше, но што е почудно, не направи ништо и кога забележа дека тоа се случува.
Од она што го забележував на терен, можам да кажам, дека ВМРО-ДПМНЕ најмногу се загрижи кога Заев пред неколку месеци почна да промовира проекти. Тогаш и оние кои ги познавам а не се нешто за интересирани за политика коментираа дека во СДСМ нешто почнало да се менува. Но тоа кратко траеше.

Петта грешка

Лоша работа е лажната надеж. Кога на некого ќе му ги дигнете очекувањата, враќањето во реалност боли многу повеќе. Тоа е уште една во серијата грешки на опозицијата. Целата стратегија на креирање оптимизам преку фабрикувани анкети веќе почна да удира по Заев. Преку Рејтинг, лидерот на СДСМ ги излажа своите поддржувачи дека Пендаровски го води Иванов и дека оттука треба да почне бранот промени во државата. Сите кои следат политика добро знаат колку е важно членството и гласачите да бидат мотивирани. Колку е важно да ја гледаат целта на дофат за да можат посилно да тргнат кон неа. Но сите добро знаат и колку силно се треска од земја кога ќе се дигнете премногу високо и на највиската точка ќе останете без крила. Ете тоа му се случи на Заев. Во желбата да го мотивира летаргичното членство, тој направи крупна грешка. Ај што го изгоре Рејтинг, кој обично правеше добри анкети, Заев го навлече и гневот на своите. Сега сите оние кои веруваа дека Пендаорвски може да победи, треба да ја голтнат приказната дека изборите се украдени, бидејќи анкетата на Рејтинг не можела да промаши (иако и Спасов сам призна дека направил многу слабо истражување)
Наспроти Заев кој ширеше лажен оптимизам, ВМРО-ДПМНЕ постапи сосема спротивно. Наместо лажен оптимизам, на членството му велеше дека е важно во првиот круг Иванов да биде над 50.000 гласови пред Пендаровски. Иако добро знаеја, дека разликата е многу повисока, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваа опуштање и бараа максимално залагање. 

Има уште многу грешки кои ги направи Заев, но ова се петте за кои мислам дека вреди да се дебатира и да се анализираат. Следи период во која СДСМ ќе создава тензична атмосфера бидејќи е соочен со резултати кои ќе стојат уште долго во нивната црна историја. Колку е лошо покажува и фактот дека Заев загуби во Струмица, а ВМРО-ДПМНЕ гледано по изборни единици ја зголеми предноста меѓу 3 и 6 пати поединечно. 
На пример, во „петката“ од 5.000 разлика во 2011та, ВМРО-ДПМНЕ направи над 33.000 разлика. Скоро 3 пати порасна предноста во „единицата“ и „четворката“ и во шестата изборна единица, додека во „славната тројка“ ВМРО-ДПМНЕ“ ја зголеми предноста за дури 25.000 гласови.

Мислам дека Заев денеска треба да се праша, како Груевски ги привлекува гласачите. Дали системска кражба е ако некому му ветуваш подобар живот, повисоки плати, повисоки пензии, бришење долгови, нови работни места. Треба да се запраша, дали можеби греши кога вели дека граѓаните се поткупуваат со нудење на проекти кои ќе им го зголемат домашниот буџет и дали и тој треба да постапи на ист начин, односно да ги направи истите „грешки“.

Оттука, го извлекувам заклучокот дека ВМРО-ДПМНЕ не ги доби овие избори, туку СДСМ му ги „подари“. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ не е толку голем победник колку што е СДСМ голем губитник.  Сепак, никој не може да го оспори фактот дека ВМРО-ДПМНЕ е една сериозна партија. Еден политички субјект кој не знае да запре, луѓе за кои нема ден и ноќ кога треба нешто да се работи. Функционери кои не оставаат ништо за утре. Затоа и овие одлични резултати кои по 8 години на власт им ставаат само печат на потврдата дека кога вредно работиш, резултатите мора да дојдат. 

Александар СПАСОВСКИ - Новинар

28.04.2014 - 16:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега