МВР: Најмирни избори во историјата на Македонија

Денешниот изборен ден мина без инциденти и е еден од најмирните избори во досегашната историја на повеќепартиски избори на Македонија без какви било инциденти, оценува  Министерството за внатрешни работи.

- Македонија денеска гласаше достоинствено и демократски, согласно највисоките европски стандарди и како Министерство за внатрешни работи со задоволство можеме да информираме дека изборниот ден помина без никакви посериозни инциденти. И од безбедносен аспект гледано беше еден од најмирните изборни денови во историјата на Република Македонија, изјави вечерва на прес-конференција, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. 

Според Јанкулоска, фактот што првпат во историјата на одржување повеќепартиски избори немаше прекин на гласање на ниту едно избирачко место, покажува дека демократска зрелост на граѓаните е на исклучително високо ниво и компаративно гледано вакви избори ретко може да се најдат и во земјите од регионот.

Јанкулоска истакна дека единствениот случај поврзан со изборниот процес бил регистриран на избирачко место во Велешта, кој полицијата го рачистила, го документирала и ќе следи соодветна пријава.

- Тоа значи дека денот практично помина без интервенции на МВР и од тука по затворањето на избирачките места како Министерство пристапуваме кон реализација на  последната трета фаза од нашите задолженија поврзани со изборниот процес, а тоа е транспортот на избирачкиот материјал. Очекуваме дека и во овој дел на изборниот процес нема да се соочиме со некои поголеми нарушувања или проблеми, затоа што искуството од првиот круг и од денешниот изборен ден  покажуваат дека Македонија гласаше демократски, во фер и слободна атмосфера, ги избра своите пратеници и новиот претседател на Република Македонија, рече вечерва Јанкулоска.

Министерката најави дека штабот на МВР ќе продлжи да работи се до заоркужување на третата фаза од изборниот процес. 

27.04.2014 - 20:26
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа