Груевски: Народот знае да процени, за 20 дена не се освојува доверба
На денешниот завршен митинг во Велес, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски истакна дека за време на избори, политичарите упатуваат многу пораки, но и дека избори и доверба не се добива за 20 дена, туку до континуирано, стабилно работење и држење до дадениот збор, реформи, дела и помагање на народот.
-Народот не ги цени политичарите само во тие 20 дена, што ќе ветат и како ќе се однесуваат. За 20 дена не се освојува доверба, ако претходно не си работел чесно, одговорно, искрено, ако не си дал се што е во твоја моќ , ако не си работел од утро до мрак и повеќе како што правевме ние. Ако не си оставил видливи дела, ако не си решил многу проблеми, во тие 20 дена можеш да направиш што сакаш. Можеш да водиш позитивна, ако сакаш и негативна кампања, можеш да ветиш што сакаш и што ќе ти падне на ум. Нема! Народот е веќе искусен, знае да процени, да види, да молчи, да чека и кога ќе дојде време да си го каже своето. Тоа е македнскиот народ. Тоа се граѓаните на Република Македонија и така треба, истакна Груевски.
Груевски им порача на граѓаните дека секој еден политичар во Македонија треба да се следи во целата негова политичка кариера да се следи неговото работење, затоа што, како што посочи, каков бил таков и ќе остане.
-Ако бил работлив, ќе биде работлив. Ако бил искрен и чесен , пак ќе биде искрен и чесен, ако бил багабонт пак ќе биде багабонт. Колку сака нека ви се претставува во тие 20 дена, истакна тој.
Груевски посочи дека секогаш пред избори се слушаат истите фрази: сега или никогаш, и дека се се претставува како црно и бело.
-Нема сега или никогаш, нема црно или бело. Има концепт, има програма, има план, проекти, добро обмислен план, стратегија, кој што се претставува и кој народот може да го споредува, изјави Груевски.
Тој подвлече дека, за разлика од другите партии, ВМРО-ДПМНЕ најпрвин излегува со отчет, а потоа со програма.
-Затоа народот ни верува, затоа што гледа дека искрено разговараме со него, дека даваме се што е во наша моќ да ги исполниме сите ветувања и повеќе од тоа. Но и ако нешто не исполниме излегуваме со отчет и го објаснуваме тоа, заклучи Груевски на митингот во Велес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа