Димовски: Нудиме реален концепт со конкретни проекти
На 27 април граѓаните ќе одлучуваат помеѓу две опции. Едната е опцијата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, која понуди реален и добро сработен концепт со конкретни проекти кои ќе им помогнат на сите граѓани, а другата е опцијата на СДСМ која се што нуди е омраза, омаловажувања, навреди и очај.
Тоа го истакна денеска на прес-конференција директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, правејќи споредба на кампањата и понуденото со програмата на ВМРО-ДПМНЕ со таа на СДСМ.
Според Димовски, ВМРО-ДПМНЕ од почетокот до крајот на кампањата за изборите водела исклучително позитивна кампања, а целта била на граѓаните да им се презентира програмата со 2.046 различни проекти.
ВМРО-ДПМНЕ, укажа, беше фокусирана на многу различни сегменти во текот на овие предизборни недели. - Нашиот фокус се привлекувањето на нови фабрики и отварањето нови работни места. Нашиот фокус се различните мерки за помош на многу категории на граѓани. Помош за вработување на младите, помош за земјоделците, зголемување на платите, пензиите и социјалните давачки на државата спрема ранливите категории. На овие избори наш фокус се изградбата на многу капитални инфрастуктурни проекти, на автопати, на магистрални, експресни, регионални и локални патишта, на пруги, не различни хидро системи и енергетски капацитети. Ние сме фокусирани на засилена подршка и инвестирање во образованието, во здравството, во културата, во спортот, рече Димовски.
За жал, додаде, од другата страна не видовме никаква понуда, не видовме никаква реална програма. - Не видовме што СДСМ би правела. Тие не понудија ништо за граѓаните.Се што гледавме од нивна страна беше лични навреди, омраза и гнев. СДСМ на овие избори заборави на граѓаните. СДСМ се дрзна во неколку навреди и да ги навреди сите граѓани кои не гласаа за нив, наведе Димовски.
Според него, и на последниот ден од изборната кампања лидерот на СДСМ Зоран Заев кажал неразумни навреди и омаловажувања, за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и за сите носители на листи, но не зборувал за работа, проекти, програми и за потребите на граѓаните.
- СДСМ нека продолжи по оваа патека. Со оваа негативна кампања која ја спроведуваат граѓаните се повеќе и повеќе разбираат дека таа партија е без концепт, без правец, без идеи и без способност да се справат со значајни политички одговорности, истакна директорот на Центарот за комуникации Илија Димовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа