Продолжува „бебешката војна“ меѓу Владата и Дневник
Владата и дневниот весник Дневник ја продолжуваат „бебешката војна“. По текстот кој вчера го објави Дневник и во кој пренесуваше ставови на родилки кои не можеле да им испратат фотографии на своите роднини во странство, бидејќи бебињата биле облекувани во стари и избледени шпилкхозни, Владата излезе со реакција во која нагласи дека споственикот на Дневник, кој истовремено е и сопственик на клиниката за гинекологија Систина, се обидува да го дискредитира јавното здравство за да си обезбеди повеќе пациенти во својата клиинка. Денеска, оваа „војна“ доби нова епизода. Главниот уредник на Дневник, Дарко Јаневски јавно ја прашува Владата, кога го договорила ставот кој денеска беше лиферуван во медиумите.
„Тоа што би сакале да знаеме е кога Владата изградила став во врска со ова прашање, кој, колку да не биде дека не е споменато, е полн со клевети на кои обично самата Влада бурно реагира. „Став на Владата“ како што стои во дописот до „Дневник“, подразбира белким дека имало седница, на која премиерот Груевски и министрите, меѓу две расправии за посетата на Ештон, извештајот на Филе, спорот за името и шпекулациите во грчките медиуми за Горна Република Македонија, и згора на се, јавното обраќање на лидерот на ДУИ Али Ахмети за тоа дека дошло време за НАТО, потрошиле време и изградиле став за „Дневник“ и за шпилхозните на Kлиниката за гинекологија. Ако, пак, не е став на Владата, тогаш молиме да ни биде препратена нова, прецизна реакција за титуларот во врска со наводно спорното прашање. Понатаму, би сакале да знаеме дали „ставот“ на Владата е дека тоа што е објавено е неточно или точно? Ако е точно, а тоа впрочем го потврдуваат и од самата клиника, и очигледно причините се сосема објективни, а ние тоа само го констатиравме, тогаш каде е проблемот? Се чини во измешаните баби и жаби во оваа реакција. Патем, би замолиле Владата да си ја смени службата која чита дали во „Дневник“ е објавено нешто позитивно за јавното здравство или не. Оти очигледно сегашната не функционира добро. И на крајот, би замолиле и да ни се објасни како тоа Владата мисли дека ние, кога веќе со тенденциозни текстови успеваме да ги одвратиме пациентите од скопската клиника, истовремено успеваме и да ги насочиме токму кон „Систина“, а не кон „Ремедика“ или кон некоја друга гинеколошка клиника во Македонија. И патем, би било добро, јавно, на ист начин на кој е испратен и овој „став на Владата“ – јавно и до сите медиуми, да ни се достави од извршната власт листа на сите области што компанијата на Орце Kамчев (кој што е само еден од сопствениците на МПМ) во сферата на здравството ги покрива, за да знаеме, според владината логика, за што од јавното здравство смееме, а за што не смееме да пишуваме. Kолку да бидеме на чисто.“ - стои во писмото на одговорниот уредник во Дневник