Заврши проектот „Правна социјализација на младите во Република Македонија“
Превентивно-едукативниот проект „Правна социјализација на младите во Република Македонија“ што повеќе од месец и половина се спроведуваше во Тетово заврши оваа недела, информира денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
- Првична оценка е дека на предавањата учениците - учесници во проектот искажале мошне забележителен интерес за повеќето од темите за кои поставувале повеќе прашања и добиле соодветни одговори, но комплетната евалуација на проектот допрва претстои кога всушност ќе се направат и поконкретни анализи за секоја паралелка и секоја тема посебно, изјави Јосифовски.
Четворица полициски службеници на СВР Тетово во соработка со неколкумина наставници од овие училишта со седмооделенците интерактивно обработиле 12 различни тематски содржини. Основната цел на овој пилот-проект е основците адекватно да се информираат и едуцираат за нивните законски права и обврски.
ФОТО: Нетпрес