Груевски: Уште 4 дена до двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ

 

 

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ попладнево одржа митинг во Свети Николе, каде што претседателот на партијата Никола Груевски рече дека по четири дена ќе слават двојна победа.

- Остануваат уште само четири дена, само уште четири дена до двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.... 450 илјади гласови за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ сегашен и иден претседател на Македонија Ѓорге Иванов  и 123 разлика помеѓу него и кандидатот на СДСМ. Македонија ја препозна разликата и покажа дека има разлика во Македонија помеѓу политичките конкуренти и помеѓу нивниот начин на работење и делување, истакна Груевски. 

Пред граѓаните на Свети Николе зборуваше и Никола Тодоров, носител на листата на кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Третата изборна единица.

Тој ги спореди времињата на владеење на  СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ односно, како што рече, затворањето на фабриките наспроти отворањето нови работни места.

Истакна дека оваа Влада е прва која не ја заборава Источна Македонија и се грижи тој дел од државата да напредува, да се унапредува животот таму и да се гради инфраструктурата.

- Во нашата програма има проекти за изградба на автопатишта, но посебно ми е драго што оваа Влада го започна и ќе го изгради автопатот кон Источна Македонија од Скопје преку Свети Николе за Штип, потоа како експресен пат до Кочани и експресен пат до Радовиш и комплетна  реконструкција од Кочани преку Македонска Каменица до Делчево. Тоа е грижата за нашите граѓани, тоа е овозможување  подобри услови за функционирање, рече Тодоров на митингот во Свети Николе.

23.04.2014 - 21:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега