Ставрески: Дрекселмаер најави уште 600 нови вработувања

Нови 600 вработувања ќе отвори Дрекселмаер во Кавадарци, најави денеска раководството на средбата со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во компанијата.

- Со раководството имавме разговори и за следниот период.  Планираат да има уште 500 до 600 нови вработувања. Тоа е добро бидејќи значи дека за овој регион тука и пошироко, вклучувајки го и Прилеп, ќе има нови вработувања и ќе овозможат сите кои бараат работа од Кавадарци, Неготино, Прилеп, па и од Велес, да најдат работа. На тој начин ќе помогнеме да се подобри нивниот животен стандард,  изјави Ставрески.

Тој посочи дека Дрекселмаер е синоним на успехот на Владата на Република Македонија во привлекување инвестиции. Компанијата е најголемиот работодавач во Македонија со 4.040 вработени досега.

- Имам можност да видам многу млади луѓе кои што нашле работа тука, кои со оваа поддршка што Владата ја даде за инвеститорот успеаја да најдат работно место и да ја обезбедат сопствената иднина. Тоа е показател за успешноста на владините политики за привлекување странски инвестиции, истакна Ставрески.

Најави дека ќе се продолжи со владините политики за привлекување странски инвестиции и дека најмалку уште 30 компании како Дрекселмаер ќе влезат во земјава. Со тоа, како што рече Ставрески, ќе се отворат 10.000 нови работни места само во слободните и индустриските зони, што ќе резултира со подобрување на животниот стандард на граѓаните. 

23.04.2014 - 15:22
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега