Премиерот Груевски во дводневна посета на Казахстан

Владина делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија,Никола Груевски, во чиј состав се и министерот задолжен за привлекување на странски инвестиции,Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо, денеска и утреќе престојува во економско-политичка посета на Република Казахстан.

 Главен фокус на посетата е учеството на премиерот Груевски и македонската делегација на 6-тиот по ред Економски форум „Астана 2013” кој претставува престижен економски собир на економски експерти, стопанственици, претприемачи и менаџери од големи бизнис конзорциуми и компании, професори, добитници на Нобеловата награда од сферата на економијата и претприемништвото, актуелни политичари и државници.

 

Премиерот Груевски ќе се обрати на церемонијата на работното отворање, по што ќе следи пленарната сесија на 6-тиот Економски форум на кој се говори за економските трендови, како и за предизвиците од глобалната економска криза и чекорите кои се преземаат за нивно надминување. 

 

Премиерот Груевски ќе се обрати и на вториот ден на самитот во рамките на Дијалогот на лидери кој ќе се реализира како дел од глобалниот економски форум. 

Претседателот на Владата Никола Груевски и членовите на владината делегација, ќе остварат и повеќе политички средби со претставници и носители на функции од политичкиот живот на Република Казахстан.

 

 

 

најчитано сега