Груевски: Да се обединиме за 62 места во Парламентот
ВМРО-ДПМНЕ работи за сите и сака да им помогне на сите. Затоа, сите да ги концентрираме гласовите сега во поддршка на оваа Програма и добивање на 62 места во Парламентот. Ако до неделата не му беше секому јасно кој ќе победи, сега му е јасно. Ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, ќе победи Ѓорге Иванов. Сега веќе е сосема јасно дека сме на чекор до 62 пратеника, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вчерашниот митинг на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Берово.
Груевски им порача на граѓаните да се обединат за, како што рече, најквалитетната програма која е за сите граѓани.
- Да освоиме 62 места во Парламентот за да немаме уцени и кочници за реализација на овие 2.046 проекти. Да можеме успешно, навремено, без доцнење и целосно да ги реализираме проектите за доброто на сите граѓани на Македонија, истакна Груевски.
Тој апелираше до оние кои апстинираа од гласање и до оние кои се колебаат за кого да гласат, како и до оние кои од било кои причини не излегле да гласаат.
- Ќе се обратам и до оние кои размислуваат да гласаат за малите партии, што се борат за еден или два пратеника и најчесто не добиваат ниту еден. Но оваа вечер ќе се обратам и до гласачите, членовите и симпатизерите на СДСМ. Ова ракводство на СДСМ, на овие избори отиде низ вода. Дајте помогнете сите вие, помогнете заради вас, заради вашите деца, заради вашата иднина, заради решавање на вашите проблеми, затоа што во Програмата има проекти за сите луѓе, независно кој од која партија е, која вера, етникум или во каква социјална положба е, рече Груевски.
Свое обраќање на митингот во Берово имаше и носителот на листа за избор на пратеници во Изборната единица 3, Никола Тодоров. Тој побара поддршка од граѓаните за двојна победа на изборите, победа за кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов и за најмалку 62 пратеници во Парламентот.
Има разлика, рече Тодоров, во она што ние го работиме и она што било претходно, во нашата грижа за сите граѓани, во проектите кои ги реализираме.
- Има разлика во намалената невработеност, во начинот на поддршка на земјоделците и досега но и со планираните 600 милиони евра субвенции , или 150 милиони евра годишно што е досега невидено ниво. Тоа е нашиот начин на работа, рече Тодоров.
Тој истакна дека Владата својата грижа ја насочува кон сите граѓани, и особено за младите.
- Во програмата се предвидува сите 300 илјади основци и средношколци да добијат таблет компјутери со тастатура за да можат да бидат во чекор со современите технологии. Тоа е грижа, заедно со бесплатното образование, бесплатните учебници, дисперзираните студии во градовите, рече тој.
Тодоров потенцираше дека грижата за граѓаните, Владата секојдневно ја покажува и преку отворање на нови работни места, особено за младите.
- Се обврзуваме да отвориме нови 64 илјади работни места преку 30 нови фабрики, ние не бегаме од проблемот, го гледаме директно во очи. Планираме да ја намалиме невработеноста од сегашните 28 на 22 проценти, рече Тодоров.
Тој ги посочи и на спроведените и планираните проекти во здравството. Од многуте, два се особено значајни, а тоа е изградбата на Клиничката болница во Штип и на Клиничкиот центар во Скопје. Работиме, додаде Тодоров, на постојано намалување на цените на лековите, на проширување на позитивната листа на лекови, како и на отворање 24 часовна линија за да можат граѓаните преку телефон за помали здравствени проблеми да добијат совет од лекар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа