Почина писателот Габриел Гарсија Маркес
Еден од најпознатите светски писатели, добитник на Нобеловта награда за книжевност, Габриел Гарсија Маркес, почина синоќа на 88-годишна возраст во Мексико сити.
Писател, новинар, издавач и политички активист, Маркес е роден на 6 март 1927 година во колумбиското место Аркатака.
Маркес е првиот Колумбиец, на кому му припадна Нобеловата награда за литература во 1982 година, и четврти нобеловец од Латинска Америка. Тој се смета за најпознат писател на магичниот реализам, во кој се преплетуваат митови и магија со реалноста на секојдневната егзистенција.
Со своите романи и работа на филм како сценарист, најмногу придонесе латиноамериканската литература да дојде во центарот на вниманието на светската културна јавност.
Неговиот најпознат роман „Сто години самотија“, кој е продаден во над 30 милиони примероци, е инспириран од родниот град на Маркес, кој го нарече Макондо.
Во него е опишан животот на изолираното јужноамериканско место во кое необичните настани се прифаќаат како сосема обични. Првото издание се појави во јуни 1967 година и првата седмица првиот тираж од 8.000 примероци бил продаден.
Делото е преведено на десетина странски јазици, освои повеќе награди, а Неруда го прогласи дека тоа е „Дон Кихот“ на нашето време.
Следат романите меѓу кои најпознатите се „Есен на патријархот“ (1975), „Хроника на најавената смрт“ (1981), „Љубов во време на колера“ (1985), „Сеќавање на моите тажни курви“ (2004).
Тој не го криеше своето левичарско убедување, веднаш по победата на Кубанската револуција заминал за Куба да се запознае со Фидел Кастро, но не прифатил да живее таму, туку постојаниот дом му бил во Мексико сити со сопругата, која ја запознал уште како 13-годишно девојче, а се венчале по десет години. Од тој единствен брак има два сина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа