Иванов: Херојско Крушево знае кој се бори за интересите на Македонија

Кандидатот за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов од митингот во Крушево порача дека како претседател превземал обврска да ги штити државните интереси, интересите на граѓаните.

-Имавме фер, демократски и слободни избори. Граѓаните поддржаа јасен концепт, наспроти непостојаност во ставовите, конфузија и празни зборови.  Како Претседател презедов обврска да се грижам за државните интереси, за интересите на секој граѓанин. Тоа е сериозна и одговорна работа.  Граѓанинот треба да знае точно што правам како Претседател. Нема непостојаност во ставовите, нема конфузија и нема празни зборови Сум бил, сум и ќе бидам со моите сограѓани. Претседателот не претставува само една институција, тој ја претставува државата и граѓаните на Република Македонија.  Јас сум вашиот глас. Ве слушам и се борам за тоа што го барате, порача Иванов.

Тој воедно потенцираше дека нема време за одмор за него, но и за владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски. Мора напорно да се работи за да се создадат подобри услови за сите граѓани на Република Македонија.

-За мене и за владиниот тим предводен од премиерот Груевски нема запирање или одморање. Темпото на работа е интензивно. Така сме работеле и така ќе работиме за да создадеме подобри услови за сите граѓаните на Република  Македонија. Со секоја остварена средба, со секоја донесена инвестиција, со секое ново работно место, со секој изграден пат, училиште, спортска сала, го менуваме животот во Македонија. Го менуваме на подобро за граѓаните, за младите и старите, за вработените и пензионерите, за земјоделците, професорите, учениците, студентите. Нема група која не почуствувала промена во изминативе години. Секаде нешто се менува, се гради  и се прави.  Пораснаа платите и пензиите иако беше голема светска економска и европска должничка криза. Ќе продолжат и понатаму да растат! И платите и пензиите и ступендиите и субвенциите. Ќе продолжат да растат бидејќи економијата расте.  Напорно работиме, и граѓаните ја забележуваат разликата. За тоа зборуваат гласовите освоени во првиот круг, изјави Иванов кој притоа додаде дека е среќен што херојско Крушево е во победнички поход.

Многу сум среќен што и херојско Крушево е во победничкиот поход. Крушево секогаш знаело да препознае кој се бори за интересите на Македонија, а кој не! Одиме по патот на победата. Ни останува уште еден, одлучувачки круг. Уште 10 дена очекуваме да ја потврдиме победата. Пред вас излегов со програма на континуитет, развој и напредок. Програмата ќе биде исполнета. Ме знаете кој сум и знаете како работам.  Драги крушевчани, Имавме многу успеси. Донесовме закони и спроведовме многу реформи. Создадовме услови и донесовме нови странски инвестиции во Македонија. Се создадоа многу нови работни места. Но ќе подолжат да се отвораат и илјадници нови работни места.  За нас ветувањето значи програма, а одржаниот збор значи отчет. Тоа е разликата. Знам дека не ви е лесно, знам дека многу можности се испуштени. Испуштеното не се надоместува така лесно. Транзицијата остави длабоки траги во Крушево. Но и јас и вие знаеме дека овој тим многу се труди и работи со сите сили. За нас нема заборавено село, град, граѓанин. 

Ние се гордееме со Крушево. Крушево е нашата гордост. Како што ја отвораме Македонија, го отвораме и Крушево, за туристи, за нашите млади да видат славната историја но и убавините со кои располага Крушево. Да ја почувствуваат традицијата, крушевското гостопримство и домаќинлак.

Крушево и околните населени места, се темелот на нашиот соживот, со кој толку многу се гордееме, кој внимателно го чуваме, вели кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Иванов порача дека пред него и ВМРО-ДПМНЕ има уште многу предизвици, но подготвени се за борба. Тој воедно вети дека ќе се бори за секој граѓанин, за секое семејство, наспроти секој предизвик.

-Пред нас има уште многу предизвици. Ние одбираме да се бориме со предизвиците, а не да се препуштаме на стихијата на времето и да чекаме чуда да се случат. Со нас знаете на што сте.

Јас Ви ветувам дека доколку ја добијам вашата доверба ќе продлжам со истиот интензитет, со многу работа и борба. За секој еден наш граѓанин, за секое едно семејство, наспроти секој предизвик. Да ја промениме состојбата во секое населено место. Секој во Македонија да почуствува дека нешто се менува.

Така се гради доверба меѓу државата и граѓанинот. Граѓани кои имаат доверба во државата. Држава која има доверба во секој граѓанин. Таа доверба се темели на одговорноста.

Одговорни граѓани се активни граѓани, кои со својот глас се вклучуваат во изградбата на Македонија. Ги повикувам сите македонски граѓани, кои од кои било причини на 13 април не го искористиле тоа право, да го направат тоа на 27 април, во недела, тогаш кога цела суверена моќ да одлучуваат за иднината на Македонија е во нивните раце.

Знам дека ќе излезете уште помасовно и ќе го направите вистинскиот избор на 27 април, порача Иванов.

16.04.2014 - 20:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега