Девојките за матура трошат по 30.000 денари

Родителите, чии деца наскоро ќе завршат средно училиште веќе се фаќаат за глава, бидејќи следат матурските, кои ќе им ги опустошат паричниците, бидејќи облеката за момчиња чини минимално 400 конвертибилни марки, додека за девојки треба да се издвои поголема сума на пари.

Бидејќи за таа свечена вечер треба да се купат триста чуда, на некои и платата ќе им биде мала да купат се што им треба на учениците, зошто кога ќе се соберат цените, девојките ако не сакаат да штедат, ќе потрошат и над илјада марки.

Матурантките, судејќи според искуствата на вработените во бутиците, за фустани одвојуваат во просек околу 400 марки (200 евра).

Во бањалучкиот бутик Јелена Шоп велат дека матурантките на големо се подготвуваат за матурата и додаваат дека фустаните чинат од 100 до 550 марки, а дури има и такви на кои цената им е повисока.

- Најчесто купуваат фустани од 350 до 450 марки, а боите кои ги преферираат на пример се минт, портокалова, розова, ројал сина, црна, црвена, бела – ни рекоа во тој бутик.

Како што истакнуваат вработените во другите бањалучки продавници, девојките масовно купуваат и сандали кои чинат од 50 до 200 марки, па и повеќе, што зависи од вкусот но и од можноста за плаќање.

Според трговците, чантите чинат од 20 до 50 марки, а шминкањето како што дознавме е од 30 до 50 КМ, додека за фризура треба да се издвојат од 30 до 100 марки. Исто така, сопствениците на солариумите веќе ги тријат рацете, бидејќи многу ученички набрзо ќе ги посетат и секако ќе ги испразнат паричниците.

На момчињата не им требаат толку пари, бидејќи нив меѓу другото им треба костум, кој чини од 150 до 300 марки, чевли од 100 до 200 марки, кошула и вратоврска со цена од 50 до 100 КМ.

Кога на сето тоа ќе се додаде и минималниот џепарлак од 50 марки, исто толку и за резервација во угостителски објект, не зачудува фактот дека на родителите таа ноќ ќе донесе и многу грижи.

Дека матурантите веќе почнаа да се распрашуваат за матурската вечер потврди и Драгослав Бањак, директор на Гимназијата Јован Дучиќ од Требиње, а кој вели дека имаат околу сто ученици кои ќе матурираат.

- Матурската вечер ќе ја организираме кон крајот на мај, а кај нас тоа е традиционално во хотелот Леотар. Во вистинска смисла на зборот матурската грозница допрва ќе почне, иако учениците веќе се распрашуваат за матурата. Сепак, тие се уште се оптоварени со писмените испити и усмените одговори – вели Бањак и истакна дека матурската екскурзија ќе ја организираат на крај на трета година, со што ќе ги растоварат родителите, за да немаат истовремено трошок на две места.

Според податоците на ресорното министерство, учениците на завршените средни училишта ситно бројат до последното ѕвоно.

- Во средните училишта наставата завршува на 16 мај за учениците од четврта година гимназија и верските училишта, како и за учениците од трета година на тригодишното и четврта година на четиригодишното образование во средните и техничките училишта, додека за останатите ученици на овие училишта наставата завршува на 13 јуни – наведуваат од Министерството за образование и култура на РС.

Од ресорното министерство додаваат дека за учениците од четврта година во уметничките училишта наставата завршува на 23 мај, а за останатите ученици на уметнички училишта на 6 јуни.

Школската година за учениците од девето одделение завршува на 9 јуни. И тие ќе слават, но многу поскромно од средношколците. 

Независне новине - Бања Лука

16.04.2014 - 20:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега