Коњановски: Ќе реализираме нови 57 проекти кои директно се насочени кон развој на земјоделството

 

ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период, во континуитет ги реализираше приоритетите кои беа носечки столбови за развој на земјоделството, во изборните програми од 2006, 2008 и 2011 година, истакна Зоран Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Реализирајќи го ветеното, спроведувајќи го предвиденото и воведувајќи нови мерки и политики во земјоделството, покажавме дека во земјоделството може да има разлика.

Покажавме дека има разлика помеѓу игнорантскиот однос на СДСМ кон земјоделците наспроти искрено подадената рака на партнерството од ВМРО-ДПМНЕ кон земјоделците.

Покажавме дека има разлика во финансиската поддршка за земјоделството, која во времето на СДСМ изнесуваше по 2-3 милиони евра, а во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, од 2006 до 2013 година, 640 милиони евра, обезбедени за македонското земјоделство.

Покажавме дека има разлика во начинот на доделување на државното земјоделско земјиште, дека има разлика во промоцијата и  зголемениот извоз на земјоделски производи.

Покажавме дека има разлика во начинот на развивање на секоја област од земјоделството, во секој регион, во секоја општина. За секој земјоделец без разлика на неговата етничка, верска или партиска припадност.

Таа разлика, земјоделците ја препознаваат. Поради таа разлика земјоделците ја поддржуваат работата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. И затоа им изразуваме благодарност за дадената поддршка во првиот круг, за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Ѓорге Иванов.

Таа поддршка, за нас, значи и дополнителна обврска и во наредниот период да продолжиме со максимално посветена работа во областа на земјоделството и да го продолжиме нашето партнерство со земјоделците.

За таа цел во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ – Проверено!, предвидуваме реализација на нови 57 проекти, кои се директно насочени кон развој на земјоделството и подобрување на состојбите во секоја гранка на македонскиот аграр.

57 нови проекти, во чии рамки ќе реализираме исклучително голем број на: капитални и инфаструктурни проекти, проекти за финансиска поддршка и зајакнување на знаењето и иновациите, за безбедноста на храната и квалитетот на земјоделските производи, реформи за подобрување на структурата во земјоделскиот сектор... Проекти што докажано се остваруваат!

Во изборната програма, еден од 57-те нови проекти е проектот за вложувања во инфраструктурата на македонското село. Проект, во чии рамки, до 2016 година, предвидуваме реализација на 195 поединечни проекти од витален интерес на населението во 73 рурални општини во Република Македонија. Што значи, до 2016 година, 195 села ќе добијат нови улици, локални патишта, плоштади, водоводни и канализациски мрежи, а жителите на 195 села, подобри услови за живот. Проекти за 195 села. Проекти што докажано се оставаруваат.

Станува збор за:

114 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и изградба на водоснабдителни и канализациски системи. Во рамки на овие проекти предвидуваме и изградба на локални патишта помеѓу селата: Бориево – Еднокуќево, Серменин - Негорци, Прждево -Демир Капија, Тимјаник- Дисан, Стамер- Град- Вирче, Челопек- Милетино, Вапила- Сирула, Таринци- Долни Балван, Орман-Волково, Брод- Гнеотино, локален пат до брана Стрежево, мост на локален пат помеѓу Рамна и Кажани и уште многу други кои се детално објаснети во програмата. Истотака, во рамки на овие проекти предвидуваме и изградба или реконструкција на водоснабдителни и канализациски системи во: Јанковец и Стење,  Стајковци, Требеништа и Волино,  Мождивњак, во Пиперево и Ангелци и во уште многу села во секој регион од Република Македонија. Детално нотирани во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

60 проекти за изградба или реконструкција на селски улици до 1 километар, плоштади, шеталишта од кои дел ќе се реализираат и во: Зрновци, Горни и Долни Подлог, Росоман, Карбинци и Тарници, Драчево и уште во многу други населени места. Проекти за кои е изработена проектната документација и имплементацијата ќе следи веднаш во текот на 2014 година.

И 21 проект за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, во чии рамки ќе се реализираат проекти и во: Скопје на езерото Матка, во Велес, Гази Баба, Куманово, Ново Село, Кичево и во други општини во Република Македонија.

Ова се проекти со кои потврдуваме дека развојот на македонските села и во идниот период останува еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.  Проекти со кои ја продолжуваме соработката со општините од сите региони на државата. Тука нема да застанеме, вакви проекти во селата  ќе реализираме со истиот интензитет и во 2016, 2017 и 2018 година. Ова се проекти за најголема поддршка за македонските села досега.

Во насока на продолжување на континуитетот на доделување на поддршка за модернизација на земјоделските стопанства, како проверена мерка од Програмата за рурален развој, предвидуваме уште посилна и уште поголема поддршка на популарната мерка 50-50, каде земјоделците плаќаат само половина од износот на инвестицијата, а другата половина ја плаќа Владата. Затоа секоја година предвидуваме одвојување по 1 милијарда и 722 милиони денари, за проекти од земјоделците кои се во насока на модернизација на земјоделските стопанства. За набавка на земјоделска механизација и подигнување на долгогодишни насади, за системи капка по капка и модернизација на земјоделските капацитети. Поддршка која значи продолжување на партнерството со земјоделците од секој регион на Република Македонија.

Со цел заштеда на потрошувачката на енергија, во рамки на 57-те нови проекти, предвидуваме доделување на финансиска поддршка зареализација на проекти за енергетска ефикасност во земјоделското производство, во висина од 50% од инвестицијата. А пак во насока на на поддршка на органското производство, предвидуваме и финансиска поддршка за отворање на  продавници за продажба на органска храна во поголемите потрошувачки центри во државата, во соработка со производителите на органска храна.

Силно фокусирани на промоцијата на земјоделските производи на странските пазари ќе продолжиме со финансиската поддршка за промоција на македонските производи на нови или недоволно застапени и алтернативни пазари а паралелно со тоа предвидуваме и реализација на низа проекти во насока на зајакнување на системот за безбедност на храната и и заштита на потрошувачите.

Ова се само мал дел од проектите кои во соработка со земјоделците планираме да ги реализираме во следниот четиригодишен период.

Преку реализацијата на проектите во земјоделството,покажавме дека сме доследни на ветеното и дека ветеното  го исполнуваме. Секој земјоделец од Република Македонија знае дека има разлика во земјоделството изминативе години. Таа разлика може да се препознае.  Секој земјоделец, знае дека во ВМРО-ДПМНЕ има искрен партнер и поддржувач и кога било тешко и кога било лесно.

За таа цел, во изборната програма ветуваме проекти кои се реални. Затоа и ги повикуваме сите земјоделци во Република Македонија, да ја дадат поддршката за реализација на нови проекти во земјоделството и за нови финансиски средства наменети за земјоделецот и селото. Гласот даден за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, е глас од земјоделците за развој на земјоделството. Дадената поддршка од земјоделците за нас во ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата е дополнителна обврска, со посилно темпо да продолжиме заеднички да го развиваме земјоделството во Македонија.

16.04.2014 - 18:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега