Јанкулоска во Гази Баба: Ќе ги доближиме здравствените услуги до секој граѓанин

 

Носителот на Изборната единица 2 од коалицијата „За подобра Македонија“ Гордана Јанкулоска денеска на средба со граѓаните во Општина Гази Баба изјави дека посебен интерес кај граѓаните побудиле проектите од областа на здравството бидејќи, како што рече, евидентно е дека во новата четиригодишна програма на ВМРО-ДПМНЕ здравствениот сектор има едно од позначајните места.

- Ги информирав граѓаните дека во периодот што следува, значи во следните четири години на кои се однесува новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, посебно внимание ќе се посвети на здравството и во делот на реконструкции и изградба на нови болници и нови капацитети за јавните здравствени установи, обуката на здравствените работници за методи кои досега не биле користени во Република Македонија, но и доближување на здравствените услуги буквално до секој граѓанин, рече Јанкулоска.

Присутните биле заинтересирани и за проектот кој предвидува можност граѓаните телефонски да се консултираат со дежурен доктор, при што тие ќе ги посочат симптомите кои ги чувствуваат, а врз основа на медицински софтвер докторот ќе може да им даде одреден медицински совет, па дури и препорака за земање некое лекарство кое е во слободна продажба, односно за кое не треба рецепт.

Тоа е проектот „Ало докторе“, нагласи Јанкулоска, и изрази уверување дека на овој начин ќе им се помогне токму на оние граѓани кои припаѓаат на поранливите категории кои почесто имаат потреба од совети и од здравствени работници.

Проектите од програмата на ВМРО-ДПМНЕ ги презентираше и пред граѓаните на Кадриово маало и Маџари, во Гази Баба.

- Во соработка со Ромскиот образовен фонд од Будимпешта, во насока на јакнењето на свеста кај ромската популација за важноста на образованието, досега доделени се вкупно 2.862 стипендии на ученици Роми, кои истовремено добиваат и дополнителна помош преку менторство и туторство, со цел подобро снаоѓање во училишната средина и постигнување повисок успех во школувањето, нагласи Јанкулоска.

Таа истакна дека во наредните четири години е предвидено изградба на водоснабдителни и канализациски системи во рамки на Декадата за вклучување на Ромите, инклузија на деца Роми во предучилишно образование.

Јанкулоска нагласи дека во следниот мандат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја зголемува социјалната помош по 5 проценти годишно, односно ќе се зголеми за вкупно 21,5 проценти. 

Во рамки на денешната агенда, Гордана Јанкулоска оствари средба и со граѓаните во Маџари, каде што меѓу другото потенцира дека младите се движечка сила и промотор на новите вредности на општеството и државата.  

- Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото се предвидува изградба на терени, еден од нив ќе биде токму во Гази Баба. И не само тоа, во Гази Баба ќе биде изградено и повеќенаменско игралиште за најмладите. Во следниот период ќе инвестираме во изградба на нови затворени пливачки базени, потенцираше Јанкулоска, додавајќи оти директно ќе бидат поддржани професионалните спортисти и спортот.

16.04.2014 - 15:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега