Први селектирања на кандидати за Спортската академија
Спортската академија за средношколци талентирани за спорт покрај паралелки во Скопје, од учебната 2014/2015 ќе има и дисперзирани паралелки во уште седум градови низ Македонија - Гостивар, Прилеп, Струмица, Велес, Битола, Штип и во Охрид. За ова денеска информираше министерот за образование и наука Спиро Ристовски по посетата на Филолошкиот факултет.
- Апелирам до сите основци кои сакаат да се запишат на Спортската академија, а сметаат дека имаат талент за фудбал или ракомет, и тенис во Битола и Штип, да аплицираат, односно да се поврзат со регионалните координатори. Голем е интересот. Пред два дена почна првата селекција за фудбал во Гостивар и имавме над 15 ученици кои се пријавија. Тоа за нас е исклучително мотивирачки. Наша крајна цел е во Акедемијата да бидат вклучени вистинските талентирани ученици за спорт, за по четирите години да бидат вклучени во професионалните спортски клубови и да го носат националниот дрес на Република Македонија во некоја од спортските дисциплини, изјави Ристовски.
Изборот на кандидатите го прават стручни тимови од соодветните спортски федерации. Квотата за успис не е ограничена зашто пресуден услов да бидат примени во Спортската академија е учениците да имаат талент и познавање на спортот за кој аплицираат.
- Во оваа фаза немаме ограничување на квотата. Досега околу сто деца во генерација беа вклучувани во Спортската академија во Скопје. Основниот предуслов е талентот за одреден спорт и тука нема ургенции или популарно кажано фаќање врски за прием на академијата, додаде министерот за образование и наука.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа