Околу 24.000 гласачи во дијаспората за парламентраните избори
По уште еден избирачки одбор е формиран денеска во Државната изборната комисија за гласање на предвремените парламентарни избори на 27 април во конзулатот во Венеција и амбасадите во Виена и во Берн поради неколкукратно зголемениот број на пијавени за гласање.
На претстојните парламентарни избори можност за гласање ќе имаат околу 24.000 македонски државјани кои работат или престојуваат во странство. Точниот број ќе се знае најмногу за два дена, кога ќе биде заклучен и избирачкиот список за парламентарните избори. За првиот круг од претседателските избори имаа можност да гласаат 8.332 македонски државјани во ИЕ 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија).
Во Венеција за гласање за предвремените парламентарни избори се пријавени 3.749 лица, во Берн 4.135 и во Виена 1.840. За споредба на првиот круг од претседателските избори во неделата во Венеција пријавени за гласање беа 1.902 што беше најмногу во дијаспората, а правото на глас го оствариле 298, во Берн - 514 a гласале 191 и во Виена - 195 а гласале 133 македонски државјани.
До ДИК исто така пристигнаа решението од Управниот суд и одлуката од Врховниот суд за приговорите на ДУИ и на СДСМ за избирачкиот список. И двете се отфрлени, а претседателот на ДИК Никола Рилкоски рече дека тие ќе бидат реализирани. Согласно тоа 675 лица пријавени за гласање во Тирана ќе останат во ИС, како и оние 112 кои поднесоа жалби за одбивањето на нивните пријави од ДИК.
Во избирачкото место 1234 во Криволак, Неготинско, каде е регистриран единствениот инцидент на првиот круг од претседателските избори, нема да се прегласува бидејќи тоа не влијае на изборниот резултат, соопшти Рилкоски.
Влатко Сајковски, член на Комисијата потенцираше дека ДИК сака уште еднаш да укаже до сите учесници во избирачкиот процес, дека оние што ќе го прекршат законот и сакаат да предизвикаат инциденти ќе се соочат со казна затвор од најамалку три години.
До попладнево, до одржувањето на седницата на ДИК, приговори за завчерашниот прв круг од претседателските избори не беа пристигнати до Комисијата. Рокот завршува на полноќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа