Груевски во Охрид: Народот покажа дека знае да направи разлика!

 

Народот на Македонија знае да направи разлика, тоа го покажа најреалната од сите анкети, вчерашните избори на кои убедливото мнозинство граѓани ја даде поддршката на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, сегашниот и иден претседател на РМ, Ѓорѓе Иванов, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот предизборен митинг одржан на Градскиот плоштад во Охрид.

- Иванов и ВМРО-ДПМНЕ добија околу 450 илјади гласови од граѓаните, 123 илјади гласови разлика во однос на СДСМ. Македонија покажа, Охрид покажа дека знае да направи разлика. Охрид покажа дека знае да почитува вистински вредности, дека знае да почитува дела, труд, знае да почитува политичка групација, која држи до дадениот збор и се држи до ветувањата, истакна Груевски од говорницата.

Тој изрази задоволство што мнозинството граѓани имаат доволно искуство во политиката да направат разлика меѓу оние кои ветуваат и не реализираат, кои не држат до зборот, кои во својата политичка кариера постојано манипулираат со граѓаните, даваат лажни ветувања, лажно обинуваат, само за да дојдат на власт, и онаа политичка гарнитура која од 2006 година, вели, покажа дека во политиката може поинаку да се работи и да се опстојува.

- Нова политичка гарнитура која покажа што значи да имаш почит, не само кон сопствениот гласач туку кон сопствениот народ воопшто, кон граѓаните кои во мнозинство те поддржуваат. Што значи да се работи постојано, за да се реализира ветеното, да се помогне секаде каде е можно. Македонија покажа дека има разлика во државата, има разлика меѓу ВМРО и СДСМ, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој им забележа на опонентите од СДСМ што наместо да ги признаат резултатите од вчерашните избори и да ја побараат вината кај себе, причината ја префрлиле врз народот, што според него е вообичаена практика на политиката на таа партија, која само декларативно се променила во своето политичко дејствување.

- Наместо доблесно да се признае пораз и да се каже дека од сето тоа ќе се извлечат поуки за во иднина, ние вчера имавме срамно излегување на Зоран Заев, кој во стилот на неговиот идол и неформален шеф Бранко Црвенковски го кажа истото како и тој претходно на изборите, само со други зборови и вокабулар. Тој, повторно, вината не ја најде кај себе. Вината не е кај нив, во нивните редови. Вината ја најде кај народот, кај нас, како ние да сме криви што граѓаните не им веруваат, рече Груевски.

Тој обвини дека СДСМ го лажеше народот, а дека политичарите блиски до нив, од опозициските партии, ги потценуваа и навредуваа граѓаните.

- Заев вели на народот, ќе ви покажам кои се тие. Најавија црна кампања против сите нас, демек од утре ќе почнел негативна, црна клеветничка кампања во која ќе измислува афери, ќе лепи етикети. Како народот вчера да не запознал.Во останатите 10-11 дена Зоран Заев ќе го разубеди и ќе не претстави како најцрни луѓе. Непоимлива е ароганцијата што ја покажа вчера и кандидатот Стевчо Пендаровски. Тој цела кампања го навредуваше Ѓорѓе Иванов, одеше со негово директно омаловажување. Со клевети и навреди. Синоќа во изјавата пак навреди. Иванов немал капацитет, ВМРО-ДПМНЕ не заслужило поддршка, рече Груевски.

Toj додаде, како е можно на ваква, толку јасно испратена порака од народот, да се каже дека изборите не биле регуларни, не биле фер, притоа упатувајќи критики кон најавената „црна кампања“ од страна на опозицијата.

Груевски од говорницата потсети дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се базира врз сработеното во изминатиот период, како потсетување што е направено, а тоа да биде гаранција за новото што се ветува.

- Нашата предност е во сработеното, во реформите, во делата, во мерките за подобар живот, во се она што сме го правеле и ќе го правиме... Ние ќе тераме како досега, со работа, со проекти со решавање на проблемите на народот, истакна Груевски притоа посочувајќи го примерот со невработеноста во земјата.

Тој нагласи дека во изминатиите четири години, во услови на светска криза и европската должничка криза, кога очекувањата беа дека невработеноста ќе расте, со реформи и чекори, тааа е намалена за 10 проценти на 28 отсто, со отварање 120 илјади нови работни места.

Како други мерки тој ги посочи уште и субвенционирањето на каматните стапки, наместо од 15 на максимални 5,5 проценти, со што на фирмите им е овозможено да опстојат во услови на криза, потоа субвенционирањето на туризмот, од намалување на ДДВ-то за туристичките дејности, преку интензивна промоција на РМ, субвенционирање на авиолинии, на тур-операторите.

- Во услови на криза, минатата година Македонија беше земја со четврт најголем раст на економијата и четврт најнизок долг во Европа. Градежништвото порасна за 33 отсто само лани, а тоа храни други 26 индустриски гранки. Тоа се чекори кои влеваат доверба кај граѓаните, истакна Груевски.

Притоа тој посочи и редица мерки кои не биле ветени пред минатите избори, но се спроведувале паралелно со ветуваното, како што е легализација на дивоградбите, земјиштето под дивоградбите, набавката на медицинска опрема за здравствените установи, намалување на цените на лековите, проекти во образованието, компјутери за секој ученик, бесплатни учебници, законот за минимална плата, покачување на пензиите и многу други реформи.

Осврнувајќи се на новата програма, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, од 2046 проекти ги издвои отвоарањето на најмалку 64 илјади нови работни места, со цел намалување на невработеноста од 28 на 22 отсто, зголемување на бројот лекови од позитивната листа, намалување на каматните стапки за субвениционирање кредити од проектот „Купи куќа, купи стан“, редица проекти наменети за социјално најранливите категории граѓани, меѓу кои отписот на долгови на социјалните семејства.

Груевски најави и проекти за младите луѓе, како проектот за самовработување осмислен како поттик на младите кои поседуваат сопствен капацитет за бизнис.

- Со него на младите ќе им се овозможи да подигнат кредит во износ од седум илјади евра, со грејс-период од 18 месеци, а потоа кредитот да го враќаат на 66 месечни рати, со камата од само еден отсто. Таа можност е за носителот на фирмата, а за секој нов вработен до пет работници, доколку се исто така млади до 29 години, ќе може да се добие по четири илјади евра за секоја вработен, појасни Груевски, притоа најавувајќи и други проекти за младите, меѓу кои ослободување на работодавачите од едногодишен персонален данок на доход и за придонеси за вработен млад човек.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави и многу други проекти за сите категории граѓани, во спортот, во образованието, во туризмот, од реконструкција на училишта, таблет-компјутери за учениците и студентите, се до субвенционирање на сончеви колектори за домаќинствата во износ до 500 евра, но и за приватните сместувачки капацитети. Како поддршка на стопанството предвидени се, рече, сто милиони евра со субвенционирана 5,5 процентна камата за македонските компании, за да генерираат нови работни места...

Груевски истакна и дека активно се преговара за наоѓање на стратешки партнер за ЕМО и оти на повидок е решение.

- Во сериозни разговори сме со крупна компанија од една средноевропска држава за таа да стане стратешки партнер на охридски ЕМО. Не давам ветување, туку информирам дека ќе направиме се што е во наша моќ, да ги убедиме за тој чекор. Ако не успееме со нив, ќе преговараме напорно и ќе бараме решение. За ЕМО да стане тоа што бил некогаш, силен, моќен, со вработени, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во насока на подобрување на животот на граѓаните Груевски најави дека почнува и градба на технолошко-индустриска развојна зона Струга-Охрид каде ќе се сместат нови инвеститори и ќе бидат отворени нови работни места. Две големи компании, потсети, веќе најавија дека ќе инвестираат токму во тој регион.

- Реномирана германска компанија ќе инвестира во Охрид. Тие на почетокот како браунфилд инвестиција ќе вработат 100 луѓе. Кога ТИРЗ ќе биде готова таму ќе градат и ќе се прошират за да вработат 1000 луѓе, рече Груевски.

На митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ пред присутните меѓу другите се обратија и носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ за Петата изборна единица Антонио Милошоски, како и кандидатите за пратеници од Охрид ЉУбен Арнаудов, Александар Николовски и Сашо Василевски. 

 

15.04.2014 - 09:30
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега