Реџепи и потврди на Јанкулоска: Осомничените од „Монструм“ немаат косовски државјанства
-Двајцата осомничени за убиството кај Смиљковското езеро кои се приведени од страна на косовската полиција ниту имале ниту аплицирале за добивање косовско државјанство, истакнал министерот за внатрешни работи на Република Косово, Бајрам Реџепи на синоќешната билатерална средба со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на маргините од Конференција на министрите за внатрешни работи на “Брдо Процесот“ што се одржува во Брдо кај Крањ- Република Словенија. На средбата, Реџепи нагласил дека косовските власти ќе ги почитуваат сите меѓународни норми во ваквите случаи.
Покрај ова, информираат од МВР, министрите Јанкулоска и Реџепи разговарале и за други прашања од билатерален интерес а во насока на продлабочување на заедничката соработка која оди во нагорна линија. Според информациите од Министерството, двајцата министри зборувале и за потребата за отворање на нов граничен премин меѓу двете држави - Станчиќ-Белановце.