Груевски: Заев како Црвенковски - вината ја бара кај народот

 

Зоран Заев исто како Бранко Црвенковски излезе и наместо вината да ја бара кај себе и во немањето програма, тие вината ја бараат кај народот, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Охрид.

Тој посочи дека Република Македонија покажа дека има разлика во оваа држава, има разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, меѓу Стево Пендаровски и Ѓорѓе Иванов.

-Има разлика која воопшто не беше мала. Наместо доблесно да се признае пораз и да се каже дека од сето тоа ќе се извлечат поуки за во иднина, ние вчера имавме срамно излегување на Зоран Заев кој во стилот на неговиот идол и неформален шеф Бранко Црвенковски го кажа истото како и тој претходно на изборите, само со други зборови и вокабулар. Тој повторно вината не ја најде кај себе. Вината не е кај нив, во нивните редови, на друго место. Вината ја најде кај народот, кај нас, како ние да сме криви што граѓаните не им веруваат, рече Груевски.

Тој обвини дека СДСМ го лажеше народот, а дека политичарите блиски до нив, од опозициските партии, ги потценуваа и навредуваа граѓаните.

-Заев вели на народот, ќе ви покажам кои се тие. Најавија црна кампања против сите нас, демек од утре ќе почнел негативна, црна клеветничка кампања во која ќе измислува афери, ќе лепи етикети. Како народот вчера да не запознал.Во останатите 10-11 дена Зоран Заев ќе го разубеди и ќе не претстави како најцрни луѓе. Непоимлива е ароганцијата што ја покажа вчера и кандидатот Стевчо Пендаровски. Тој цела кампања го навредуваше Ѓорѓе Иванов, одеше со негово директно омаловажување. Со клевети и навреди. Синоќа во изјавата пак навреди. Иванов немал капацитет, ВМРО-ДПМНЕ не заслужило поддршка, рече Груевски.

Тој уште еднаш им порача на СДСМ дека не смеат да ги потценуваат и навредуваат граѓаните на Република Македонија.

 

 

14.04.2014 - 23:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега