Синовите на Гадафи се закана, ќе им се суди преку видео линк
Судскиот процес против синовите на соборениот либиски лидер Моамер Гадафи, што требаше да почне денеска во Триполи, е одложен за 27 април.
Саиф ал Ислам и Саади Гадафи се обвинети за „раководење со кампањата на убиства, тортура и за бомбардирање на цивили“, во текот на деветмесечната либиска граѓанска војна, во 2011 година, која по воената интервенција на НАТО, заврши со заробување и ликвидација на Моамер Гадафи.
Ал Ислам беше заробен на југот од Либија, во ноември 2011 година, додека Саади, кој побегна во соседен Нигер, под силен притисок на новите власти во Триполи и на Западот, пред неколку месеци беше екстрадиран во Либија.
Вториот син Саади, кој важи за голем љубител на фудбалот, е обвинет и за „наредба да се пука во навивачите“ по завршувањето на финалето на либискиот фудбалски куп, во 1996 година.
На овој судски процес, кој се најавува долго време, ќе им се суди на уште 34 поранешни високи функционери и политичари на претходната власт, меѓу кои се и двајца поренешни премиери и последниот раководител на либиската тајна служба Абдулах ал Сануси.
Меѓународниот кривичен суд уште по завршувањето на борбите, а посебно по заробувањето на Ал Ислам бараше од новите власти во Триполи да ги предадат синовите на Гадафи, за да им суди овој меѓународен суд, кој ги обвни за „злосторства против човештвото“. Таквото барање се уште е отворено, но либиските власти бараат на „злосторниците“ треба да им суди судот во Либија.
Поради опасност од можен напад во текот на судењето, либиските правосудни власти одлучија синовите на Гадафи да не бидат во судницата, туку судот да комуницира со нив преку видео линк
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа