Конечни резултати од ДИК: Иванов освои 449.068 гласови - Пендаровски 326.133

 

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов во првиот круг од претседателските избори што се одржаа вчера освои 449.068 гласови или 51,67 проценти, а за кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски гласале 326.133 гласачи, односно 37,52 проценти, објави денеска Државната изборна комисија на нејзината веб страница.

Според конечните првични неофицијални податоци кои се обработени 100 отсто, за кандидатот на ДПА Илјаз Халими гласале 38.966 гласови или 4,48 проценти, додека Зоран Поповски од ГРОМ освоил 31.366 гласови, односно 3,61 проценти.

Податоците се однесуваат за сите 3.512 избирачки места.

Излезноста во првиот круг од претседателските избори е 48,84 отсто или вкупно гласале 869.137, а право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список.

Првичните резултати од гласањето Државната изборна комисија ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.

Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

14.04.2014 - 14:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега