Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во официјална посета во Скопје
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас денеска ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија, во рамки на нејзината тридневна турнеја низ Западен Балкан. За време на посетата, Калас се очекува да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и ќе пренесе пораки за приоритетите на ЕУ во надворешната политика и безбедноста.
Како што информираат од Делегацијата на ЕУ во земјава, за време на посетата Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата, по што ќе следи заедничка прес-конференција со премиерот во Владата. Подоцна, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, Калас ќе учествува на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година, кој ќе се одржи во Министерството за надворешни работи во 14 часот. Овој дијалог, како што информираат од Министерството за надворешни работи и трговија, претставува важен чекор во продлабочувањето на соработката меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика, како и во понатамошната интеграција на земјата во европската безбедносна архитектура.
Високата претставничка Калас и министерот за одбрана Мисајловски во 14.30 часот ќе го посетат седиштето на Балканската медицинска наменска сила во касарната „Илинден“, каде што ќе се сретнат со членовите на Постојаната организација на Балканската медицинска наменска сила (БМНС) и ќе видат дел од опремата набавена од страна на БМНС со поддршка на Европскиот мировен фонд. Калас и Мисајловски, исто така, ќе имаат обраќање пред медиумите во врска со соработката меѓу ЕУ и Северна Македонија во областа на одбраната и безбедноста. За време на посетата, како што информираат од Министерството за одбрана, командантот на БМНС ќе изврши краток брифинг за оваа регионална организација и ќе биде презентирана дел од пристигнатата опрема која е донација од Европската унија преку Европскиот мировен фонд.
Од 2023 година, Советот усвои три билатерални пакети за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕМФ) за зајакнување на капацитетите на Армијата на Северна Македонија. Со вкупно 38 милиони евра, ЕМФ во моментов ѝ обезбедува на Северна Македонија воена опрема и обука во областа на логистиката, инженерството, разузнавањето, надзорот и извидувањето и електронското војување, мобилноста, комуникациските и информациските системи, медицинската и опремата за обука.
Северна Македонија, исто така е корисник на поддршката на ЕМФ во рамките на регионалната мерка за помош за Балканската медицинска наменска сила, во износ од 6 милиони евра за обезбедување медицинска опрема и теренски болници.
Посетата на високата претставничка за надворешни работи Калас ќе заврши во Јуроп Хаус каде што ќе разговара со група млади луѓе.
Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина. Пред да допатува во Скопје, Калас ги посети Белград и Приштина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа