Победата на Иванов топ тема во грчките медиуми - еве што напишаа
„Иванов води по првиот круг од изборите“, „Голема предност на Иванов“, „Иванов победи во првиот круг од изборите“. Ова се само дел од насловит кои денеска ги напишаа грчките медиуми за претсдателските избори во Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, медиумите претежно без коментар го пренесуваат деталниот извештај на државната новинска агенција АНА-МПА, потсетувајќи дека на 27 април ќе се одржи втор круг, заедно со предвремените парламентарни избори.
„Досегашниот претседател на Македонија како кандидат на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов победи со голема разлика пред противниците на вчерашните претседателски избори, но за избор на нов претседател на земјата ќе треба и втор круг, кој ќе се одржи за две недели (на 27 април), на кој ривал на Иванов ќе му биде кандидатот на најголемата опозициска партија, СДСМ, Стево Пендаровски“, пишува „Катимерини", додека „Кандидатот на опозицијата Стево Пендаровски во обид да го подигне моралот на неговите приврзаници, се правдаше дека резултатот што го постигна во првиот круг не е пораз ако се земе предвид целокупната политичка клима што се создала во земјата и заканите и притисокот врз гласачите од страна на Владата на Никола Груевски“, напишаа и другите грчки медиуми.
„Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев истакна дека исходот од првиот круг на претседателските избори не бил според очекувањата на опозицијата, поради, како што рече тој, местење на изборите од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ“, јавуваат грчките медиуми.
Во сите извештаи во Грција се нагласува и дека Албанците во Македонија, кои сочинуваат 25 проценти од електоратот, масовно се одзвале на повикот на најголемата албанска партија ДУИ на Али Ахмети, да не поддржат ниту еден кандидат.
Грците пишуваат и дека изборите поминале без проблеми во мирна и демократска атмосфера.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа