Попоски: Македонските иселеници се имиџот на земјата во странство
Македонија има бројна дијаспора која во моментот се проценува дека ја сочинуваат 470.000 луѓе, а кои можат на многу начини да и помогнат на земјата како со привлекување на туристи, така и за привлекување странски инвестиции. Досега во земјата се реализирани околу стотина големи инвестиции од страна на македонски иселеници, истакна министерот Никола Попоски на денешната дебата на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР со наслов „Значењето и улогата на дијаспората“.
- Целта ни е да ја направиме Македонија подобро место за живеење, а во тоа сигурно може да придонесат и оние кои не живеат во Македонија, а имаат врски со нас, пред се, преку афирмација на земјата било за привлекување туристи или како добра дестинација за водење бизнис. Дали правиме доволно во тој контекст е сосема легитимно прашање, но колку и да правиме може да направиме многу повеќе, рече Попоски.
Дирекцијата на Агенцијата за иселеништво Васил Наумов подвлече дека е во тек подготовка за формирање на Совет на иселеници-инвеститори. За искористување на потенцијалите на дијаспората, додаде тој, потребно е прецизно утврдување на нејзината бројка поради што се врши и мапирање на иселеништвото. На укажувања од дијаспората, Наумов истакна дека иселеништвото бара олеснување на процедурата на гласање преку користење на интернет-гласање и гласање по пошта имајќи ја предвид малата дипломатска мрежа и големите растојанија.
ФОТО: Сител