ДИК: Иванов освои 448.303 гласови - Пендаровски 326.069
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов победи на првиот круг од претседателските избори со добиени 448.303 гласови (51,65%), втор е кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 326.069 гласови (37,57%), покажуваат првичните неофицијални резултати што ги објави изутринава Државната изборна комисија на својата веб страница.
Податоците се однесуваат за обработени 99,72 проценти, односно 3.502 од вкупно 3.512 избирачки места.
Илијаз Халими од ДПА има освоено 38.965 гласови (4,49%), а Зоран Поповски од ГРОМ 31.360 гласови (3,61%).
Излезноста на првиот круг од претседателските избори е 48,85 отсто или вкупно гласале 867.985, а право на глас имаа 1.779.572 лица запишани во Единствениот избирачки список.
Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски на синоќешната прес-конференција рече дека изборите поминале мирно со еден регистриран инцидент во Неготино каде што во попладневните часови од непознато лице е искршена гласачка кутија и гласањето е прекинато на тоа гласачко место.
Првичните резултати од гласањето Државната изборна комисија ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.
Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. Во вториот круг одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови на првиот круг. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа