Конференција за правата на лицата со инвалидност
Денеска во Скопје се одржува Меѓународна конференција на тема „Искуствата од имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидност“. Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика и Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија.
- Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН, пред година ипол беше ратификувана од Собранието на Република Македонија. Актуелната политика што ја креира Министерството за труд и социјална политика опфаќа социјалната заштита, социјалната вклученост, социјални услуги и вработувањето на лицата со попреченост во насока на зголемување на шансите да го подобрат квалитетот на својот живот. Целта кон која треба да се стреми европска Македонија е Македонија без бариери за лицата со попреченост до 2020 година, рече државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи.
Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност информира дека Македонија кон крајот на декември ќе треба да даде иницијален извештај за имплементацијата на Конвенцијата.
Конвенцијата, како што рече, не дава нови права, но ги кажува мерките кои државите треба да ги спроведат за да се подобри положбата на лицата со инвалидност.
- Честопати некои промени не бараат големи средства за да се подобри положбата на лицата со инвалидност. За пристапноста и достапноста до објектите и до сите јавни површини во Македонија, ако се предвиди во текот на планирањето и градбата на новите објекти, тие скоро и не го поскапуваат градењето на објектот, рече Јовановски.
Тој потсети дека во Македонија постои Правилник за пристапност и достапност до јавните објекти, кој се спроведува од 2010 година.
- Ние како инвалидски организации сме оцениле дека тој не се применува целосно и оти се уште има нови објекти каде пристапноста до нив е отежната. Ако немата добра пристапност тогаш не можете да се едуцирате до крај и не можете да најдете работа, рече Јовановски.
На конференцијата учествуваат гости од Србија, Словенија и од Бугарија. Според најновите истражувања на Светската здравствена организација, 15 отсто од популацијата има некаков вид инвалидност, околу 1 милијарда на светско ниво или околу 300 илјади во Македонија. Во Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност се зачленети околу 90 илјади членови, со различни инвалидности, слепи, глуви, интелектулано попречени, трудови инвалиди.