„Јутарњи лист“ за Охрид: Убавини создадени само за вашите очи

 

Еден од најголемите дарови на природата во Европа е Охридското Езеро и неговата околина. Доволно е да го видите како сонува во далечината, да ги слушнете брановите, да се загледате во бескрајното синило за силно да се вљубите во него, се вели во статијата на хрватски „Јутарњи лист“, посветена на убавините на македонскиот град Охрид.

-Езерото е прогласено за светско наследство и е под заштита на УНЕСКО. Тоа е едно од најдлабоките и најстарите езера во Европа, со повеќе од 200 ендемски видови во него. Се претпоставува дека е старо меѓу 4 и 10 милиони години, со што се вбројува во светските реткости, стои во статијата.

Незаборавно искуство, пишува „Јутарњи лист“, е нуркањето во бистрите езерски води, меѓу атрактивните ендемски животни облици, како што е охридскиот сунѓер. Езерото е богато и со подводни извори низ целиот источен и јужен брег, што ја прави водата неверојатно бистра и чиста со прозирност од неверојатни 22 метри. Најголемиот дел површински извори се кај манастирот „Св. Наум“, а до самиот град е и еден од најпознатите извори – Студенчишта или попознат како „Билјанини извори.

-Градот Охрид е познат и како „Вечниот град“ и важи за најважниот образовен центар и вистинска колевка на писменоста кај словенските народи. Тука е и најстариот универзитет во Европа од IX век, пред се благодарение на дејноста на Св. Климент и Св. Наум. Античкиот историчар Тит Ливиј го споменува Охрид како „градските ѕидини на Лихнидос“ во 3. век пред Христос, а првиот поголем запис за него датира од 5. век, кога градот се бранел од нападите на племињата за време на Големата преселба на народите. Тврдината се користела и во римско и во византиско време, а во времето на цар Самуил била значително проширена, пишува хрватски „Јутарњи лист“.

Извор: Фаланга.мк

13.04.2014 - 09:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега