Гласање, броење гласови, резултати, жалби

Во тек се петтите претседателски избори во Република Македонија. На 3.480 гласачки места во земјава денеска можат да гласаат 1.779,572 избирачи. Тие можат да гласаат за четворица кандидати за претседател. Вчера, за првпат за нов претседател на Македонија гласаа и македонските државјани кои живеат или престојуваат странство. За гласање во дијаспората се пријавија 8.332 лица. Вчера својот глас го дадоа и болните и изнемоштените, лицата во притвор, затворениците и внатрешно раселените лица.

Начин на гласање 

Гласањето почна во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Откако ќе се затворат гласачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Денеска граѓаните гласаат за претседател на Република Македонија.  

Избирачкото ливче е на македонски јазик, а во општините каде што има над 20 проценти припадници на етничките заедници на македонски јазик и на јазиците на етничките заедници.

Годинава, првпат избирачите ќе бидат обележувани со видливо мастило во вид на маркер на десниот палец, односно во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот. Отпечатокот треба да има трајност од најмалку 24 часа по нанесувањето. Нема да може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење.  

Според инструкциите од ДИК, кога гласачот ќе дојде во избирачкото место да гласа, членовите на избирачкиот одбор најнапред треба да проверат дали тој има белег од видливо мастило за обележување на гласачи на десниот палец. Потоа следува проверка на документите за лична идентификација на гласачот и дали тој е запишан во единствениот Избирачки список, по што му се издава гласачкото ливче и се обележува со видливото мастило на десниот палец. На избирачот кој нема да дозволи да биде обележан со видливо мастило нема да може да го оствари правото на глас.

Гласањето е тајно и лично и се врши зад параваните за гласање и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја.  Се гласа со заокружување на редниот број пред името на кандидатот за претседател. За важечко гласачко ливче се смета она од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за кој кандидати избирачот гласал.  

Пред да гласа избирачот на избирачкото ливче, членови на избирачките одбори му ставаат печат само на предната страна на ливчето.

Гласањето за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени со Изборниот законик. Избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Законикот, со себе има право да повика лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш Избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите. Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Ова лице не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот.

Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг во Република Македонија се забранети. Забраната за семејно и групно гласање и гласање во име на друг се однесува на забрана едно лице да гласа за друго/други лица, забрана еден член од семејството, зад гласачкиот параван да им покажува на останатите членови како и за кого да гласаат и забрана двајца, група или цело семејство да гласаат заедно зад гласачкиот параван и слично. Против член на Избирачки одбор кој овозможил односно не спречил семејно гласање ќе се поведе дисциплинска постапка со санкција-престанок на работниот однос, прекршочна постапка со можност за санкција-глоба од 500 до 1.500 евра или кривична постапка со санкција затвор од најмалку 5 години. Против лице кое учествува во семејно гласање може да се поднесе прекршочна пријава, кривична пријава, а Изборниот законик го предвидува семејното гласање и како основ за поништување на гласањето во избирачкото место.  

Во гласачкото место се забранува фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање. Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придржува кон оваа забрана. 

Никој не смее да дојде на гласачкото место вооружен, освен полицијата. Полицијата влегува на гласачкото место само во случаите кога е повикана од Избирачкиот одбор и кога ќе забележи сериозно нарушување на редот и мирот.

Броење на гласовите и соопштување на резултатите

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна 12 часа по завршувањето на гласањето.

ДИК првичните резултати од гласањето за претседател на Република Македонија добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Жалби

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.

Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 48 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК, гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија, кој пак по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. Управниот суд по тужбата решава во совет од петмина судии избрани по пат на ждрепка на јавна седница. Одлуките по приговор и тужбата со самото донесување се објавуваат на интернет страницата на Управниот суд, на ДИК и ОИК и на друг соодветен начин. Ако одлуката се однесува на одредено дејствие на ИО, а процесот на гласање е во тек, на избирачот ќе му се овозможи остварување на избирачкото право.  

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.  

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

13.04.2014 - 08:28
Фото: 
Фактор

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега