Денеска е Цветници

 

Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконите овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Како што при Рождеството Христово зборуваме за две природи односно за раѓање на Богочовекот, Богомладенецот Исус така и во овие празници, исто така, гледаме дејство на двете природи Божјата и човечката. И тие природи секогаш дејствуват неразделно, односно слеано при што едната ја помага другата. „Затоа кога Христос ги вршеше Божествените нешта содејствуваше човечката природа, а кога ги вршеше човечките нешта, тогај содејствуваше Божјата природа. „светите отци, за да ја прикажат оваа вистина, велат дека секоја природа дејствуваше „преку другата“, т.е. во заедница со другата природа.“ Токму во случајот со воскреснувањето на Лазар се гледа како дејствуваат двете природи. „Хритос како човек заплака за смртта на Својот пријател Лазар, но како Бог, со Својата Божествена сила го воскресна.“

Во евангелските текстови се вели дека Христос двапати просолзил. Еднаш тоа е при веста за смртта на пријателот Лазар. И со тоа Христос ја покажува својата човечка природа. „Солзите Христови укажуваат на човечката природа, и тоа дека ја прими целокупната природа. Така, Христос и на тој начин покажува дека освен што беше совршен Бог, беше и совршен и целосен човек.“

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се изведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден. Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна.“

И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше т’пан.“

Адет на Цветници

Цветници ја наречуваме цветоносна недеља, т.е. таја недеља шчо је пред Велигден. Утрината рано младите невести ќа се променат во нова промена, до тога необлечена; ќа си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело, дарпна везана; и заједно со свекрвите си ќа појет в црков на причесна.

Напрет требет да се причестит дете од 3-5 годиње, пак по него невестата. Ако немат своје дете куќно, ќа земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, таке гледајет.

В цркоф раздавајет цвеќе (нат које је пејана молитва) на сите; зате се таја недеља наречуват цветна.

Кога ќе излезет од црков, ќа се фатит прет цркоф оро, која како је понапред свршена, т.е. како шчо се со ред вршени, таке и со рет се фаќајет на орото; зар таке је адетот, која је свршена побрго, ќа се фатит понапред и на орото, која је свршена по неја и по неја ќа се фатит на оро. Тује се не гледат на богата и соромашка невеста, токо на ред, која је зар народна пословица велит: „Со ред мелит воденица“. Тога ќа и гледајет сокајите од невестите, да видит која невеста имат поубав сокај (направен). Орото ќа трает многу време, брго ќа се расипит и ќе си поет секој дома.

Во таја куќа коде имат млада невеста по обичајот народен роднињето и комшијите (и пријатели) ќе одит на честитање нов сокај од невестата; ќа и пречекат со ракија и кафе и ќа и испратит, а по некоји ќа останет да им ручајет. По ручек пак се берет оро на оролишче дур до вечерта.

И таке ќа и попратит Цветници пак ќа го чекајет Великден, кој је најрадосен празник от сите други праздници.

МИА

13.04.2014 - 08:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега