Денеска гласаат иселениците, болните и затворениците

 

Во пресрет на утрешните претседателски избори во Република Македонија, денеска е изборен молк. Државната изборна комисија одлучи денеска и утре да има прекин и во кампањата за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 27 април.

Оваа година за прв пат, на ден пред изборите можност да гласаат за претседател на државата имаат и македонските државјани кои работат и живеат во странство. Освен 8.332 гласачи во дијаспората, денеска избирачките места во 7 часот се отворени и за 39 внатрешно раселени лица во Домот „Здравко Цветковски“, за 1.706 лица на издржување казна затвор или притвор, а дома ќе гласаат болните и немоќните и оние во домашен притвор.

Од вкупно 8.332 пријавени лица за гласање во дијаспората во Изборната единица 7 кој ја опфаќа Европа и Африка на гласање треба да излезат 5.892 избирачи, во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) – 1.426 и во ИЕ 9 (Азија и Австралија) – 1.014. Гласањето во избирачките места се одвива од 7 до 19 часот, согласно временската зона во земјата, во 34 избирачки места во дијаспората од вкупно 47. Во 13 избирачки места беа пријавени помалку од 10 гласачи.

ИЕ 7 Европа и Африка има 25 избирачки места, а гласање во три избирачки места има во Германија каде има 501 пријавен за гласање, и тоа во Минхен - 174, Берлин - 200 и Бон - 127. По две избирачки метста има во Италија и во Турција. Во Италија треба да гласаат 2113 македонски државјани. Во амбасадата во Рим се пријавени за гласање 211, а во конзулатот во Венеција 1.902 македонски државјани, најмногу во дијаспората воопшто. Во Република Турција и тоа во Анкара и во Истанбул каде ќе гласаат 162 македонски државјани.

Се гласа и во Берн каде има 514 пријавени избирачи, во Прага - 155, во Сараево - 17, Подгорица 108 и Париз 136, во Стокхолм - 101, Брисел-98, Копенхаген-49, Хаг-75, Лондон -166, Тирана-717, Виена-195, Софија-10, Загреб-15, Приштина-96, Љубљана-410, во Белград-241 и во романскиот главен град Букуреш, каде се пријавени 13 македонски државјани.

Во ИЕ 8 - Северна и Јужна Канада ќе се гласа на вкупно шест избирачки места, две во Канада и четири во САД. Во Канада се пријавени 440 македонски државјани и тоа 27 во Отава и 413 во Торонто. Во САД има 986 пријавени македонски државјани за гласање. Во Вашингтон има 40 пријавени, во Детроит 295, во Чикаго 209 и во Њујорк 442.

Во ИЕ 9 - Австралија и Азија ќе се гласа во три избирачки места во Австралија и во Кина. Во Австралија има две избирачки места со 999 пријавени македонски државјани за гласање. Во Канбера предвидено е да гласаат 296 македонски државјани, а во Мелбурн 703. За гласањето во Пекинг има 15 пријавени македонски државјани.

Избирачите кои издржуваат казна затвор или се во притвор гласаат во казнено-поправните домови од 7 до 19 часот, додека оние кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат онаму каде што ја издржуваат оваа мерка. Триесет и деветте лица со статус на внатрешно раселени денеска од 7 до 19 часот ќе гласаат во ученичкиот дом Домот „Здравко Цветковски“.

Во средата гласаа и 294 членови на избирачките одбори кои го спроведуваат денешното гласање во ДКП-ата и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство.

На претседателските избори право на глас имаат 1.779.572 избирачи, кои треба да гласаат на 3.480 избирачки места во Македонија и 34 во странство.

Граѓаните својот глас ќе можат да го дадат за четворица кандидати.

Доколку утре не биде избран нов претседател, вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27. април за кога се закажани и предвремените парламентарни избори. 

Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.

12.04.2014 - 10:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега