Груевски: Во недела две победи за ВМРО-ДПМНЕ

 

Иако в недела е прв изборен круг се трасира кој ќе биде победник на изборите, се трасираат победите на ВМРО-ДПМНЕ и на Ѓорге Иванов, се одговара на радикалните барања на ДУИ и се одговара дека Македонија оди напред и никој не може да го запре тоа.

Тоа го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот предизборен митинг во Штип, на кој побара поддршка за претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов и за реализација на програмата на партијата на претстојните претседателски и парламентарни избори на 13 и 27 април.  

За Груевски, Иванов е веќе идниот претседател на РМ, затоа што, како што рече, во досегашниот мандат во изминатите пет години покажал како треба да се биде претседател, како треба да се бранат државните и националните интереси на РМ насекаде во светот и дома. Достојно ја претставувал државата, бил активен, а на секое место, настан и пред секоја значајна личност лобирал за Македонија.

- Не се штедеше, туку го интерсираше да и помогне на сопствената држава и народ. Нему државата му беше пред се, а државата е народот на Македонија, која пред пет години му ја даде довербата и во недела наутро повторно масовно ќе му ја даде довербата, рече Груевски.

Коментирајќи  дека за ДУИ Иванов  не е добар кандидат, рече дека не го сакаат затоа што се бори за државните и националните интереси и за македонскиот народ. -  Затоа што бараат човек кој ќе се однесува како што тие ќе му кажат. И онака како што некој друг однадвор ќе му посочи. Ѓорѓе Иванов размислува со своја глава и се бори за оние кои му ја дале довербата, за македонскиот народ и за сите граѓани во Македонија, рече Груевски.

Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, според Груевски, гледа како да се додвори на некои политички структури во државата, како што е  ДУИ, но не гледа дека народот е тој што го избира оној во којшто има најмногу доверба.  - Не гледа дека овој народ е тој што бира, а не како што вели Заев дека некој од надвор ќе го спремал и ќе го донел на некоја функција. Живееме во време на демократија и слобода, кога народот е тој кој  го избира на главните и суштински позиции оној во кој има најмногу доверба, рече  Груевски, порачувајќи дека довербата не се добива со подаништво и вртење грб на сопствениот народ, туку со успешна реализација на ветеното, со чесен однос,  борба надвор од Македонија и внатре во Македонија, со постојано присуство  кај граѓаните.

Иако многупати се обидоа да го дискредитираат Иванов, посочи Груевски, тој на навредите одговара со работа и со борба за Македонија, со присуство меѓу народот и враќајќи со добро секогаш и секаде каде е можно.   Нема основа, смета Груевски, Зоран Заев да зборува за „гафови“ на Иванов, затоа што, како што рече, токму на неговото однесување народот се смеел, а неговата партија се срамела.

Пред учесниците на митингот во Штип,  Груевски нагласи дека бара поддршка за 62 пратеника во Парламентот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за да одговорат силно и енергично на сите уцени што им ги испорачувало радикалното крило на ДУИ.

- Шеесет и два пратеника ни се потребни за да им одговориме на нивното барање за промена на Уставот на Македонија и одземање на правото на граѓаните на Македонија самите да избираат претседател на државата. Тоа право да сме му го дале на ДУИ и раководството на ДУИ да го избирал претседателот на Македонија. Дали ни е потребно тоа? Дали го поддржуваме тоа? Затоа ни се потребни 62 места во Парламентот.  Затоа е потребно во недела да се испрати пораката, за потоа во наредните две недели немаат надежи дека ќе ја остварат својата цел. Да се излезе масовно. Недела е многу важен ден за гласање. Иако е прв круг тој воопшто не е неважен. Во недела се трасира патеката кој ќе биде победникот и на претседателски и на парламентарни избори во РМ. Во недела се трасираат нови две победи на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“.Во недела се трасира победата на Ѓорѓе Иванов во Македонија. Во недела се одговора на радикалните барања на сите радикални структури во Македонија, порача Груевски.

Се осврна на слоганот  на партијата „Има разлика“, оценувајќи дека на СДСМ се уште не им е јасно значењето  на разликата со ВМРО-ДПМНЕ. За Груевски разликата е евидентна во намалената невработеснот во услови на светска и европска криза за 10 проценти, од 38 на 28 проценти. Во Штип, како што рече, во 2003 година имаше 10.000 невработени, а сега бројката е преполовена  на 5.000 од кои половина се изјасниле дека не бараат вработување. 

Има разлика, посочи, и затоа што во јавниот сектор не дозволивме отпуштање. Разликата се чувствува и во  носењето нови фабрики. Се сеќавате ли на некоја фабрика која ја донел СДСМ, праша  Груевски, истакнувајќи оти новите фабрики што дојдоа во време на ВМРО-ДПМНЕ се резултат на  тимската работа за создавање добри услови за бизнис во Македонија.

Добрите бизнис услови, додаде,  не само што дадоа поттик на македонското стопанство, туку беа  и сигнал во странските мултинационални компании дека Македонија е  новиот  инвестициски  рај и оти тука треба да ги отвораат своите нови фабрики.

- Ние во нашата програма ветуваме дека во наредните четири години ќе се отворат минимум 30 нови фабрики во слободните економски зони, со минимум 10.000 нови вработени и оти во наредните 4 години ќе работиме на отворање на најмалку 64 илјади нови работни места во Македонија што ќе претставува ново намалување на невработеноста за 6 проценти, рече Груевски и подвлече дека во последните две недели има 4 нови компании кои донесоа одлука да инвестираат во Македонија.

Доказ за разликата, според Груевски, се и исплатените субвенции за земјоделците што за наредните четири години ветува ќе изнесуваат 600 милиони евра и остварениот половина милијарда евра извоз  од Македонија на земјоделски производи.

Според Груевски, и во однос на одлуката за отворање Универзитет во Штип има разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои се противеле на идејата на ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозициска партија.

- Знаев дека овој Универзитет ќе биде успешен и тој за неколку години стана втор највисоко рангиран во Македонија, а Штип стана сериозен крупен уиверзитетски град, рече Груевски, набројувајќи ги инвестиците значајни за Штип и регионот во изградба на автопатот Скопје-Штип, клиничката болница, карго аеродорм,....

Груевски направи споредба и со исплаќањето пензии. - И пензионерите знаат што е да има разлика, затоа што во време на СДСМ ниту еднаш не им беа зголемени пензиите. Ние им ги вративме 8-те проценти,  а просечната пензија порасна за 64 проценти, рече Груевски,  посочувајќи на предвиденото во програмата за зголемување на пензиите, социјалната помош и платите на администрацијата  за 21,5 проценти во наредните четири години.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара масовна излезност на изборите в недела за спроведување на програмата со 2.046 проекти и за двојна победа. - ВМРО е партија која што освен тоа што го ветува секогаш реализира и многу повеќе од тоа и многу работи што не ги ветува. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ и затоа ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката на народот. Девет години по ред СДСМ сеуште неможе да разберат зошто ја немаат поддршката на народот. Седум изборни циклуси ја добиваме пдодршката на мнозинството граѓани. И овојпат ќе добиеме двојна победа и во недела и на 27 април, наведе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

11.04.2014 - 21:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега