Реформа во образованието по принципите на стандардите од Кембриџ

 

Основците од Македонија ќе учат по иста наставна програма како и нивните врсници во Белика Британија. Учебниците по математика и природни науки од Кембриџ ќе бидат прилагодени за  учениците во основните училишта во земјава. Ова е најкрупната реформа во образованието предвидена во програмата “ Проверено” ВМРО ДПМНЕ.

Набавката на  учебници како и во претходните 5 години  и понатаму ќе биде обврска на државата. Ристовски најави реформирање на педагошките факултети преку зајакнување на критериумите за упис и селекција на најдобрите студенти, воведување на академија на наставници и проширување на спортската академија во пповеќе градови.

Во програмата на ВМРО ДПМНЕ се планира и изградба,реконструкција и санација на 200 училишта. За Финки и ДИФ ќе бидат изградени нови објекти. Средношколците пракса ќе изведуваат во нови лаборатории. За поквалитетно следење на наставата министерството ќе обезбеди 300.000 таблет компјутери за учениците.

-На 20-тина програмски страници се претставени 47 внимателно избрани образовни проекти, кои концепциски го надградуваат веќе сработеното во претходниот мандат и кои имаат капацитет да го одржат македонскиот образовен систем конкурентен и во чекор со современите светски образовни трендови. Се работи за проекти со кои ќе продолжиме подеднакво да ги унапредуваме квалитетот на наставата и инфраструктурата во основното, средното, високото образование и науката, вклучително и спортот преку еден координиран пристап на неколку институции на системот, рече Спиро Ристовски од ВМРО ДПМНЕ.

Повисоки плати по 5 отсто годишно за наставниците и останатите вработени во јавната администрација, најави Ивановски. Широкопојасен интернет, зголемување на бројот на граѓани домаќинства кои ќе користат интернет, поевтин роаминг.

Во програмата “Проверено“ се планира поголема ИТ подршка за компаниите со цел да станат поконкурентни на странскиот пазар, зголемување на он лајн продажбата. Во сите поголеми градови ќе бидат поставени автомати за издавање на документи.

-Во централни локации низ неколку градови ќе се постават автомати каде што граѓаните врз база на електронска идентификација (на пр. со биометриски документ) ќе можат да добијат повеќе услуги и документи од типот на извод од матична книга, имотни листови, документи од Централниот регистар, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Катастарот и другите. Автоматите ќе бидат поврзани преку интернет до оние институции што ги издаваат своите услуги електронски. Граѓаните ќе можат преку платежна картичка да ја платат услугата. Особено ќе бидат корисни во општини каде што нема под- рачна единица од централните институции и граѓаните постојано треба да патуваат до најблиската канцеларија,рече Иво Ивановски, од ВМРО ДПМНЕ.

Ивановски најави и продолжување на реформата на јавната администрација. Според него програмата на ВМРО ДПМНЕ во овој сегмент содржи вкупно 105 внимателно избрани проекти, реално остварливи со буџетски средства во наредните 4 години, наспроти 2-те страници од програмата на СДСМ за проекти во информатичкото општество и администрацијата.

09.04.2014 - 18:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега