НБРМ: Продолжуваат поволните трендови во македонската економија

 

Во првиот квартал од годинава македонската економија ги задржа поволните трендови кои преовладуваа во 2013 година со реален раст на БДП од 3,1 отсто, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

- Показателите за индустријата и градежништвото покажуваат понатамошен раст на активноста во овие сектори, во услови на постепено закрепнување на странската побарувачка, раст на активноста на новите капацитети и фискален стимул во градежниот сектор. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Постепеното намалување на инфлациските притисоци се потврди и со најновите податоци за трошоците за живот за март 2014 година. Имено, инфлацијата сѐ уште забавува на годишна основа, а просечната инфлација за првите три месеци и натаму е стабилна и изнесува 0,6 проценти. Ваквите движења на инфлацијата главно се поврзуваат со ефектите од движењето на светските цени на храната и енергијата врз домашните цени, се наведува во соопштението од НБРМ.

На кредитниот пазар во март се забележува натамошно зголемување на кредитната поддршка на економијата преку банкарски кредити и забрзување на месечниот и годишниот раст на кредитите.

Ликвидноста на банките во март е намалена под влијание на сезонските фактори, што услови зголемено меѓубанкарско тргување на пазарот на депозити, особено со рочност до 1 месец.

- На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори. Согласно последните податоци, девизните резерви и натаму се намалуваат и се движат по проектираната патека. Имено, проекцијата за билансот на плаќања од октомври упати на потреба од финансирање на дел од дефицитот во тековната сметка преку девизните резерви во првата половина од годината, по што согласно проектираните текови се очекува нивно зголемување. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат на доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови, се вели во соопштението.

Последните оцени покажаа дека поддршката на економијата преку досега извршеното монетарно олабавување е доволна, во услови кога реалниот сектор на економијата заздравува со предвиденото темпо, а кредитната поддршка на банките е засега подобра од оцените.

09.04.2014 - 13:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа