Аваков: За 48 часа може да се среди ситуацијата во Украина
Ситуацијата во Луганската, Доњецката и Харковската област од источна Украина, каде изминaтите денови имаше масовни проруски митинзи, може да се среди во следните 48 часа со политички средства или со сила, изјави денеска пред седницата на украинската Влада министерот за внатрешни работи Арсен Аваков.
- Според мене решение за кризата ќе се најде за 48 часа, рече министерот. - Има две варијанти - политичко надминување на кризата или со сила. Подготвени сме и за едната и за другата варијанта. Според мене, се треба да се изведе на начин како што се направи во Харков, додаде тој.
Во операција на Министерството за внатрешни работи вчера во Харков беше испразнета зградата на обласната администрација, во која упаднаа проруски демонстранти, кои се залагаат за федерализацијата на Украина. Во акцијата на полицијата беа приведени 70 лица.
ИТАР-ТАСС јави дека Аваков изјавил оти режимот на операции на МВР во трите источни области не е откажан и „планираните дејствија“ може да се изведат во секој момент.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа