Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија- ЕУ
-Согласно Спогодбата за асоцијација и стабилизација на Република Македонија и Европската унија и според Деловникот на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, 11.состанок на Комитетот ќе се одржи на 22 и 23 мај 2013 година во Европскиот парламент во Стразбур, Француската Република, информираат од македонското Собрание.
На овој состанок, од Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, ќе учествуваат: Кенан Хасипи, претседател на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација (копретседавач на овој Комитет), Ермира Мехмети-Деваја и Андреј Петров, потпретседатели на Делегацијата (заменик-копретседавачи на Комитетот), Силвана Бонева и Антонио Милошоски, членови на Делегацијата, и Беким Фазлиу, заменик-член.
-На 11. состанок се очекува да бидат разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европската унија, актуелната политичка ситуација во државата во контекст на отпочнувањето на пристапниот дијалог на високо ниво - за меѓуетничкиот дијалог, реформите во правосудството, јавната администрација, борбата против корупцијата, потоа за слободата на изразување и медиумите, за изборната реформа со осврт на неодамна одржаните локални избори, за зајакнувањето на пазарната економија со зголемување на социјалната кохезија, за добрососедските односи, како и за алтернативните начини за користење на обновливите извори на енергија, стои во соопштението на Собранието.